Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави денеска во Приштина дека најважно за Косово во овој момент е изнаоѓање политичко решение со Србија.
„Во одреден момент, треба да видите нормализација. Тоа би било важно кога станува збор за односот меѓу Приштина и Белград, но ќе биде важно и кога станува збор за односот на Косово со сите меѓународни институции, вклучително и со НАТО “, рече Столтенберг на прес-конференција, пренесе Радио Слободна Европа.
По средбите со косовскиот претседател Вјос Османи, премиерот Албин Курти и српските политички претставници, тој истакна дека договорот од 2013 година е сè уште во сила, според кој Косовските безбедносни сили (КБС) не можат да одат на северот на Косово без согласност на командантот на КФОР.
Според генералниот секретар на НАТО, ова прашање било тема на разговор меѓу него и косовскиот премиер Албин Курти, кој смета дека договорот е штетен. Како и да е, Столтенберг го поздрави фактот дека договорот е сè уште валиден.
„Тоа е најдобриот начин да се најде вистинската рамнотежа, да се избегнат ситуации што можат да ги поткопаат и ослабнат напорите да се најде решение и да се избегне се што може да го наруши дијалогот помеѓу Приштина и Белград“, рече Столтенберг.
Столтенберг исто така објасни дека НАТО го поддржува КБС во нивниот првичен мандат.
„Кога беше донесена одлуката, реков дека тоа е ненавремена одлука. НАТО ќе продолжи да ги поддржува КБС во рамките на својот првичен мандат“, рече Столтенберг.
Тој повтори дека КФОР е присутен на Косово за да обезбеди безбедност за сите заедници, додавајќи дека НАТО силно ги поддржува напорите за изнаоѓање политичко решение меѓу Косово и Србија.
„Чувствуваме одговорност да придонесеме за мирот и стабилноста на Косово, што е исто така важно за регионот“, рече Столтенберг.