Стопанска банка оствари добивка од 9.208.000 евра во првиот квартал пред оданочување

од Vladimir Zorba

Во согласност со политиките за транспарентност во работењето, Стопанска банка АД – Скопје денеска на веб страницата на Македонска берза ги објави резултатите од првото тромесечие од 2021 година и придружните коментари на билансите на успех и на состојба.

Во продолжение е кратко резиме од резултатите и коментарите придружено со плановите за остатокот од годината.

Во првиот квартал од 2021 година Стопанска банка АД – Скопје продолжи со повеќегодишниот континуитет на успешни финансиски резултати.

Наспроти големите предизвици, кои подолго од една година, пандемијата со Ковид-19 ги наметнува на сите економски чинители и пошироко, финансиските резултати на Банката за првите три месеци се резултат на здравите фундаменти врз кои е поставена, заедно со успешниот бизнис модел кој ефикасно се остварува во секојдневното работење.

Во првиот квартал од 2021 година, Банката оствари добивка пред оданочување во износ од ЕУР 9.208 илјади (девет милиони двеста и осум илјади евра). Споредено со истиот период од претходната година, кој доминантно може да се карактеризира како пред-ковид период, се забележува намалување од 7% што е последица на пандемијата и пред се резултат на прудентниот пристап на Банката и повисоката исправка на вредност за кредитното портофлио во однос на истиот период од минатата година.

Притоа, вкупната актива на Банката на 31. 3. 2021 година изнесува ЕУР 1.728 милјарди и е на исто ниво во однос на крајот на минатата година.

Нето приходите од камати се речиси идентични во однос на истиот период од минатата година додека нето приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 9% во однос на првиот квартал од 2020 година.

Исправката на вредноста на финансиските средства е поголема за 35%, во однос на истиот прв квартал од минатата година. Ова е резултат на прудентниот пристап на Банката во однос на исправката на вредноста за кредитното портфолио, во услови на ковид-криза и влијае на понатомошно зајакнување на нејзината веќе изградена силна капитална позиција. Капиталот и резервите бележат зголемување за 3% во однос на крајот на 2020 година.

Кредитите на и побарувања од други комитенти остварија пораст од 1% додека вкупните депозити на други комитенти остварија пораст од 4,6%, односно се зголемија за околу ЕУР 62 милиони во однос на истиот квартал од минатата година.

Очекувања за престојниот период

Согласно објавените макроекономски проекции од страна на релевантни институции, економијата во 2021 година се очекува да оствари раст на бруто домашниот производ кој би се движел во рамки од 3,5%-4% и кредитен и депозитен раст од околу 6%.

Во тој контекст, како Банка со најголема капитална основа и најголемо кредитно портфолио во земјата, Стопанска банка АД – Скопје очекува да се движи во линија на порастот на пазарот, со зголемување на пазарното учество во корпоративниот сектор и задржување на водечкото пазарно учество во секторот на население, преку понуда на услови и цени кои се согласно конкуренцијата, при тоа почитувајќи ги принципите за прудентно работење во своите кредитни политики.

Во делот на депозитното работење, Банката планира задржување на конкурентските услови и понуда на депозити кои ќе ги следат потребите на клиентите како и осовременување на начинот на комуникацијата со клиентите во овој сегмент.

Како и досега, надоградбата и осовременувањето на дигиталните канали на комуникација и оператива ќе бидат приоритет во проектното портфолио на Банката. Секако, грижата за вработените и континуираното функционирање на Банката на услуга на клиентите останува да биде примарен фокус на менаџментот како и во досегашното период.

Слични содржини