Стопанска комора: Блокадите на граничните премини не се решение, засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите

„Ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка“, велат од СКМ за блокадите на превозниците

од Nikola Popovski
27 прегледи

„Проблемот со примената на правилото од 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт (евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот) треба исклучиво да се бара преку институциите, а не со блокади на граничните премини, за да не се случи колапс на целата економија во државата и регионот на Западен Балкан во целост“ – ваков е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија за протестот и блокадите на превозниците.

Оттаму потенцираат дека блокадите не може да бидат решение, бидејќи ако се наруши протокот на стоки на граничните премини со ЕУ, само еден ден, а не дури седум дена какви што се моменталните најави, губитници не се само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти кои се влучени во надворешно трговската соработка.

-Засега никој не може да каже колкави ќе бидат загубите бидејќи тие ќе бидат по повеќе основи: пенали за задоцнета испорака, откажување на договори, намалено производство, нереализиран извоз, неможност за навремено производство ради недостаток на суровина итн, но сигурно е дека загубите ќе бидат од големи размери, што не е во ничиј интерес, велат од Комората.

Стопанствениците потсетуваат дека минатата недела СКСМ, заедно со коморите од Западен Балкан, упатила заеднички апел до претседателката на Европската комисија во кое укажавме дека очекуваме земјите-членки да усвојат привремени мерки овозможувајќи им на професионалните возачи непречено да го вршат меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.

-Ваквиот пристап би бил во заеднички интерес на Европската Унија и Западен Балкан и би претставувал јасен сигнал за веродостојна посветеност на интеграцијата на регионот и зачувувањето на функционирањето на синџирите на снабдувањe. Моменталниот пристап е неконзистентен со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко е да се усогласи со нашите заеднички напори за понатамошно интегрирање на економиите на регионот во Единствениот пазар на ЕУ. Економиите на Западен Балкан, како кандидати и на јасен пат кон членство во Европската Унија, целосно опкружени со границите на ЕУ, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на режимот на ЕЕS, што ќе го одрази нивниот статус како партнери во пристапувањето и ќе обезбеди јасна разлика од другите трети земји, потенцираат од Стопанската комора.