Итно да профункционира Комитетот за туризам, да почне имплементирањето на донесените мерки и да се поедностави постапката за субвенционирање, апелира Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.
Здружението смета дека туризмот и во услови на КОВИД може да функционира и да даде добри резултати, но изостанува реализација на мерките. Затоа бара средба со премиерот на која би биле презентирани ваквите ставови и би се креирал планот за делувањето оваа година.
Засега, велат од Здружението, нема оптимистички најави во однос на странските гости. Ситуацијата е неизвесна и се е на чекање.
– Се чекаат јасни сигнали од страна на Светската здравствена организација и државите, какви ќе бидат протоколите за патување, но ние ќе треба да сме подготвени да докажеме дека ги почитуваме протоколите и дека знаеме да се справиме ако нешто им се случи на туристите. Во моментов немаме оптимистички најави, се е на чекање, но ние нашиот организациски дел ќе мора да издигнеме на многу повисоко ниво. Маркетингот и промоцијата ќе треба да играат значајна улога. Сублимат на сите наши барања е неодложна средба со премиерот – рече на прес-конференција заменик-претседателот на Здружението, Асим Меџедовиќ.
Тој информира дека Здружението до Владата доставило предлог за олеснување на постапката за субвенционирање. Предлогот е во процедура, но се уште не е во функција.
– Иницијативата за олеснување на постапката за субвенциионирање е со цел да се одржат постоечките традиционални пазари, да се исцрпи потенцијалот на пазарите од државите од регионот, но и да се освојат нови пазари во пост КОВИД период. Акцентот го ставаме на регионот, бидејќи земјите од регионот се пазар со околу 50 милиони туристи неискористен потенцијал, без Турција. Олеснето, односно поедноставено субвенционирање по предлог на бизнис секторот е значајно да се реализира во најкраток можен рок за да може да се поддржи пазарот – истакна Меџедовиќ.
Неопходно е, напомена Меџедовиќ, да се даде јасен сигнал дека земјава е отворена за туристите.
– Потребно е да испратиме јасна порака дека со субвенционирањето се залагаме за модернизација и унапредување на туризмот, што ќе ги натера странските тур-оператори да ги возобноват плановите за чартер летови до Северна Македонија – укажа Меџедовиќ.
Здружението смета дека домашниот пазар не располага со потенцијал кој може да го надомести отсуството на странски туристи.
– И покрај некои преземени мерки од страна на државата за поттикнување на домашниот пазар, не се постигнаа посакуваните ефекти, односно дури и во услови кога нашите граѓани не беа во можност да одат во други туристички дестинации поради рестрикциите, туристичкиот промет од домашни туристи е значително намален наместо зголемен – исткна Даниела Михајловска Василевска.
Таа уште еднаш подвлече дека загубите во хотелиерството лани надминале 90 отсто.
Според Михајловска Василевска, поддршката за домашните туристи е добродојдена. Сепак, има можност за поголем поттик на домашните гости, како и за повеќе странски туристи и покрај затвореноста и кризата од пандемијата, но изостанува реализацијата на мерките.
– Низ земјава годишно транзитираат годишно 3,5 милиони патници што е готов пазар. И тоа треба да се има предвид. Развојот на руралниот туризам со мали вложувања може да отвори значителен број нови вработувања. Секои четири кревети во угостителски објект значат едно ново работно место. Или за инвестиции од страна на приватниот сектор во 1.000 нови објекти со просек од 15 кревети потенцијалот е 4.000 работни места. Но за да се реализира ова потребно е да се воспостави законска рамка и можност за инвестиции – потенцира Михајловска Василевска.
Потенцијалот на македонскиот туризам е учество во БДП со 25 отсто, директен ангажман во секторот на над 100.000 работници, индиректен ангажман на двојно повеќе, директен прилив на девизи од над 1,5 милијарди евра, сето тоа низ рамномерен регионален економски развој. Тоа, според Здружението, во услови на ваква светска здравствено економска криза, на бизнис секторот му дава за право да констатира дека токму овој сектор може да преставува економската надеж за пост КОВИД развој на државата.