Пожарот кој синоќа изби на блокот 3 во РЕК Битола е последица на ненавремено и неквалитетно одржување на сите блокови во термоелектраната, вели за Локално мк претседателот на стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков.
„Блокот 1 и блокот 2 и досега работеа со половина капацитет, а кај блокот 3 не е ни отпочнато правилно ремонтирање’’, посочува Манасков.
Пожарот според него ќе го намали преносот на електрична енергија од сопственото производство, што секако ќе има влијание врз цената на струјата на домаќинствата.„Доколку се случи да немаме струја од сопствено производство ќе мораме да ја купиме на берза, а нејзината цена е таму како што знаете енормно скапа’’,вели првиот човек на Комората.
Категоричен е дека вкупната енергетска состојба во државата ќе беше многу постабилна, а со тоа и помалку чувствителна на вакви инциденти доколку навреме се прогласеше енергетска криза. Превземањето на ваков чекор кој Владата го најави пред неколку денови според Стопанската комора за енергетика е задоцнета реакција.Иако носењето на Уредбата и прогласувањето на криза во енергетиката, според претседателот на комората Ѓорѓи Манасков, ќе значи спас за граѓаните и компаниите, тој оваа криза ја поврзува со економската криза која може да се случи набрзо.
“Сега смее дебело заглавени во енергетската криза и без ефтина електрична енергија , а може да се случи и да останеме без струја.10 пати зголемената цена на енергетската берза ќе предизвика нагло покачување на сите прехрамбени и останати продукти. Во исто време платите и пензиите остануваат исти.’’,вели Манасков.
Предлага шест мерки за спас.
Најважно барање според него е целосно укинување на даночната стапка за електрична енергија за компаниите од 18 на 0 % и тоа во период од 6-12 месеци, потоа да се формира Македонска енергетска берза, за да може државата сама да купува струја, укинување на активната моќност и максиграфи во индуистријата и компаниите, да се формира една баланска група во Мепсо со што балансирањето на производството и потрошувачката на електрична енергија да се врши само преку неа, потоа да се формира посебно Министерство за енергетика кое ќе раководи со енергетските случувања во земјата но и да се подготви рестриктивен план за спас од енергетската криза.
Иако вчера се очекуваше да биде соопштено името на компанијата преку која ќе оди набавката на јагленот за РЕК Битола, ЕСМ соопшти дека процедурите сеуште траат и дека одлуката ќе се знае до крајот на следната недела.
Во очекување на конечната информација околу набавката на потребните количини јаглен, во јавноста се погласно се шпекулира дека повисоките сметки за потрошена електрична енергија , од Нова Година ќе станат реалност за граѓаните.Проценките на некои експерти се дека поскапувањето ќе достигне и до 20 %. Ефектот на поскапувањето на струјата врз домашното производство го анализираше институтот Finance Think , односно дека цената на енeргијата како импут во домашниот производен процес експоненцијално се зголеми во третиот квартал годинава.
„Компаниите ја набавуваат електричната енергијата на отворениот пазар. На глобалниот пазар на електрична енергија цената се зголеми повеќекратно достигнувајќи и до 200 евра по мегаватчас, а како последица на намаленото производство од ветер, сонце и вода , како и намаленото производство од фосилни горива поради затворањето на термоелектраните ширум Европа во склоп со зелената транзиција. Таа ситуација се пренесува директно кај домашните компании кои набавуваат струја на отворениот пазар . Останува да видиме дали, кога и во колкава мера ова зголемување на трошоците на импутите ќе се пренесе врз останатите цени, зашто Finance think прави пресметки и ќе ги соопштиме во следниот период“, вели за Локално мк. Благица Петрески.
Зошто земјава се доведе до степен потребните количини на електрична енергија кои недостасуваат неовластено да ги повлекува од европскиот систем, нема јасен одговор, но сите се единствени во тоа дека нужно потребно е максимално да се зголеми домашното производство.Владата ја исклучи можноста да се воведат рестрикции за домаќинствата а евентуалната таква опција нема да ги засега потрошувачите кои преку своите снабдувачи веќе ги имаат обезбедено бараните количини електрична енергија.
К.В.С.