Стопанската комора најавува дека ќе го оспори Законот за данок на солидарност пред Уставен суд

од Radmila Tasevska
216 прегледи

Носењето на Законот за данок на солидарност не претставува никакво усогласување со директивите и регулативата на ЕУ, напротив тоа е само злоупотреба на тие регулативи, за што се можни две причини: дека воопшто не се разбира Регулативата 2022/1854 и дека можеби правилно се чита Регулативата 2022/1854, но свесно се изнесуваат неточни податоци и користејќи ја скратената постапка се носи Законот за данокот на солидарност, реагира попладнево Стопанската комора и најавува дека ќе го оспори Законот пред Уставен суд.

Според Комората, ваков данок, кој се носи, како што нагласува, ад-хок, го нарушува начелото на почитување на правото и создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека соседните држави немаат воведено сличен данок.

Комората потсетува дека апелираше оти во носењето на Законот не се води сметка за аргументите на стопанството и дека се тргнува од потребата и желбата за пополнување на буџетските дупки и неограничено трошење.

-Откако не помина во редовна постапка во Собранието, на Законот му беше ставено европско знаменце со единствено образложение дека се врши усогласување со директиви на ЕУ и со Регулативата на Советот (ЕУ) 2022/1854 од 6.10.2022 година, со која што се утврдува и “обврската за наплата на придонес за солидарност“. На 26.6.2023 и на 19.7.2023 година се обративме официјално до највисоките државни институции (до Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и до Министерот за финансии на Република Северна Македонија), упатувајќи дописи со аргументи образложени на повеќе страни, потпишани од највисоките органи и тела на Комората предводени од Клуб 100, а подржани и од Управниот одбор, Собранието на Комората, Советот на странски инвеститори. Во дописите на еден сеопфатен начин ги образложивме аргументите за барањето на бизнис заедницата за запирање на постапката за донесување на Законот за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце укажувајќи дека тоа преставува само обид за манипулирање со редовните собраниски процедури за носење на законите и злоупотреба на европското знаме, потсетува Комората.

Стопанската комора во однос на предложениот концепт од почетокот имаше забелешки.

-Укажавме на селективен пристап затоа што се опфатени само поголемите компании (со приход поголем од 615.000.000 денари), укажавме дека се врши оданочување на сите компании, независно дали добивката што ја оствариле се должи на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или се должи на раст на добивката на компаниите како резултат на нивното работење, односно како резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и слично, укажавме и на дестимулирање на успешните компании кои се инвестициски ориентирани (со предложениот концепт на оданочување кој претпоставува споредба на остварениот просек на добивките во претходните четири години и добивката во 2022 година во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, а остварувале помала добивка, во споредба со потенцијално зголемената добивка во 2022 година, која би ја оствариле како резултат на инвестиции, наведува Комората.

Во однос на проекциите за приходите од дополнителниот данок на добивка, Комората предупреди дека ефектот што се очекува од примената во смисла на обезбедување дополнителни средства во државниот буџетот, може да изостане за делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош  зашто, како што објаснува, ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош и по тој основ нема да се зголемат приходите во буџетот.

-Аргументите на кои дополнително се повикуваме во дописите до институциите се во насока на фактот дека компаниите членки на Комората се меѓу најголемите плаќачи на разни даноци, ДДВ, придонеси во корист на државниот буџет и на фондовите. Беа и најголеми донатори на здравствениот сектор во време на корона кризата, а се пример и на општествена одговорност во повеќе области. Токму затоа, Стопанската комора, веќе неколку години, инсистира на објавување на така наречена „бела книга“ на најголемите плаќачи на даноци и придонеси во државата, по примерот како што Министерството за финансии и Управата за јавни приходи квартално ги објавуваат компаниите кои се најголеми должници по основ на даноците и придонесите. Иницијативата упорно се одбива од овие институции со образложение дека тоа е наводно „деловна тајна“. Носењето непредвидливи закони од ваков вид и други мерки, поттикнува се повеќе компании од Македонија во странска сопственост да се премислуваат и да го префрлат своето седиште во некоја од соседните земји кои не носат вакви закони и мерки (пред се во Србија, па и Косово), што преставува ризик од губење на редовни приходи, даноци и сл. во буџетот кои сега се плаќаат, реагира Комората.

Имајќи предвид дека Законот е веќе донесен, Стопанската комора, како што и најави, ќе поднесе Иницијатива пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Законот.

-Пред покренување на Иницијативата, согласно член 75, став 2 од Уставот, ќе побараме од претседателот на државата да не го потпише Указот за прогласување на Законот за данок на солидарност, зашто тој е очигледно во спротивност со член 52 од Уставот, но без очекување дека барањето на бизнис секторот ќе биде прифатено, истакнува Стопанската комора.

Слични содржини