Јавниот обвинител Љупчо Коцевски потврди дека против Васил Јованов, кој ја прегази Фросина Кулакова, се води постапка за најтешкото кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот.
„Се преземаат сите неопходни мерки за обезбедување докази. За Обвинителството е неспорно дека станува збор за кривично дело сторено со умисла“, изјави Коцевски. Тој додаде дека јавноста и семејството можат да бидат уверени дека постапката ќе биде ефикасна и дека ќе се инсистира на најстрога казна.
Во меѓувреме, Министерството за правда ја разреши судијката Даниела Алексовска-Стојановска од работната група за измени на Кривичниот законик, бидејќи претходно го спасила Јованов од притвор и покрај поседување дрога. Министерот Филков истакна дека разрешувањето не значи дека кај судијката е лоцирана одговорност за пресудите, но е направено за да не се дискредитира процесот на реформите во правосудството.
Министерот нагласи дека случајот со Кулакова е уште една потврда за нефункционалноста и бавноста на судскиот систем. „Ги повикувам судовите и Судскиот совет да преземат мерки и да го преиспитаат целиот случај“, порача Филков.
Судскиот совет најави дека внимателно го следи случајот, а претседателот Камбовски не ја исклучи можноста за покренување постапка против судијката Алексовска-Стојановска. „Пропустите мора да бидат санкционирани, но драконските казни нема да го решат проблемот кој не е само во судскиот систем, туку во целото општество“, рече Камбовски.
Министерството за правда најави измени во Кривичниот законик со кои ќе бидат предвидени построги казни за сторителите на сообраќајни несреќи.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ од 20-годишниот Васил Јованов, кој управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминувајќи на црвено светло.
Случајот предизвика силен револт кај граѓаните. На протестите во Скопје и Кавадарци, голем број луѓе побараа правда за Фросина, но и одговорност од таткото на Јованов и од судијката Алексовска-Стојановска.