Стотици писатели ќе се соберат во Њујорк оваа недела за да ги читаат делата на Салман Ружди, по примерот на настанот првпат одржан откако на авторот му беше издадена фетва (смртна осуда) во 1989 година, кога на јавните плоштади беа прочитани извадоци од „Сатанските стихови“.
Автори меѓу кои Пол Остер, Тина Браун, Киран Десаи, Аманда Форман, Сири Хуствед, Хари Кунзру ќе бидат меѓу оние кои ќе учествуваат на настанот „Поддршка на Салман Ружди“.
Писателите ќе се соберат на скалите на Јавната библиотека во Њујорк во петок наутро, точно една недела откако Ружди (75) беше избоден со нож за време на настан во Њујорк.
Британскиот автор со индиско потекло моментално се опоравува во болница. Неговите повреди се „сериозни“, рече неговиот агент Ендрју Вајли.
Тој се здобил со 10 убодни рани, му бил оштетен црниот дроб и му биле отсечени нервите на раката и окото. Синот на Ружди, Зафар, рече дека писателот можел да зборува и дека „неговата вообичаена жестока и пркосна смисла за хумор останала недопрена“.