Стотици жени се принудени да живеаат во „села на вештерки“

од Milan1
327 прегледи

Стотици жени во северна Гана живеат во таканаречените „села на вештерки“,  кампови каде што побегнаа откако членовите на нивните семејства и локалната заедница ги обвинија дека практикуваат вештерство.

Стотици жени живеат во катастрофални услови, со мала надеж за враќање на нормалниот живот. Членовите на нивните семејства и соседите ги обвинија дека се виновни за разни болести, суша или пожари. Ги прогонуваат затоа што наводно ги проколнале своите соседи, а понекогаш и само затоа што се појавиле во туѓи кошмари.

Минатата година разгневената толпа линчуваше 90-годишна жена на улица.

Откако биле обвинети дека практикуваат вештерство, тие понекогаш со децата бегале од дискриминација, закани и физичко насилство во т.н. „Селата на вештерки“.

Владата на Гана пред неколку години објави дека има намера да ги затвори сите тие „логори на вештерки“, но тоа досега не се случи, пишува Дојче веле.

– Самиот Господ ме спаси, за малку ќе ме убиеја. Дојдоа вооружени и ми се заканија дека ќе ме убијат. Потоа ме извлекоа од нашето село, а еден од нив извади нож. Рече дека треба да ме заколат. Така дојдов овде, вели Колого Тингана, една од жените кои се жртви на прогонот на наводните вештерки.

Тингана има 71 година и живее во селото Гамбага, на северот на Гана, од 2016 година. Гамбага е познато како „село на вештерки“, всушност еден вид гето за екскомуницираните жени. Во моментов таму живеат 87 жени, а на крајот на октомври пристигнаа уште три нови жртви.

Некои од нив велат дека биле обвинети од љубомора, на пример затоа што биле успешни во работата.

Колого Тингана вели дека е обвинета за вештерство бидејќи нејзините клиенти не можеле да и платат за овошјето и зеленчукот што ги продавала. Рекле дека е вештерка, за да не ја платат сметката

„Несреќна сум и плачев кога слушнав дека ја убиле таа постара жена. Па, тоа се злосторници, оние што го направија тоа, нели? Владата мора да направи нешто или ќе не убијат сите!“, вели Тингана.

Самсон Лар работи да ги натера жените да го напуштат „селото вештерки“. Неговата христијанска хуманитарна организација се обидува да им помогне, но тешко е да се организира дури и безбедно сместување. Тоа се често постари жени, кои се принудени да спијат на земја, немаат кревети. Спијат на душеци кои се поставени на земја.

Самсон Лар вели дека повеќето жени сакаат да се вратат во своите домови, но за нив тоа генерално повеќе не е безбедно.

– Жените живеат во сиромаштија. Во моментов немаме ни доволно намирници за нив. Генерално, имаме голем проблем со снабдувањето со храна. Еве вчера во кампот пристигна нова жена. Таа вели дека свештеникот ја обвинил дека се занимава со магија. Тоа е варварство!, вели тој.

Пандемијата со коронавирусот е само уште една работа за која се обвинети овие жени, дека тие се виновни за болеста и смртта.

Владата на Гана ги знае размерите на суеверието во земјата, а пред неколку години најави дека ќе ги затвори „вештерските села“.

– Ужасни и шокантни се извештаите за наводните вештерки кои ги ескомуницираат. Министерството ќе ги затвори сите тие кампови. Го посетивме кампот во Гамбага и нашата цел е да ги реинтегрираме овие жени со помош на обука и разговори меѓу претставниците на локалните заедници и наводните вештерки. Но, некои од нив не сакаат да се вратат назад бидејќи се плашат дека, штом ќе се случи нешто лошо, нив први ќе ги обвинат за тоа, изјави тогашниот министер за родова еднаквост, деца и социјална заштита, Отико Џаба, уште во 2018 година.

Постојат шест познати „села на вештерки“ во Гана, а наводно има уште неколку во оддалечените, рурални области. Во некои региони на Гана, луѓето веруваат дека постојат вештерки, а таквите „села на вештерки постојат со векови“, вели Ламнату Адам од организацијата „Сонгтаба“, која им помага на жените.

– По правило, жените се обвинети. Многумина веруваат дека тие немаат никакви права и дека можат да прават што сакаат со нив, без никој да одговара за тоа. Иронијата е во тоа што кога се верува дека мажот има некои духовни способности, тогаш се смета дека тој ги користи за да го заштити своето семејство и околината. А ако се работи за жена, тогаш има вкоренето суеверие дека таа ја користи таа моќ за да наштети некому, вели Адам.

Сепак, активистката за правата на жените Ламнату Адам исто така гледа позитивен развој: се помалку жени живеат во „логорите на вештерки“. Во нив порано живееле илјадници жени, а денес околу 300.

Слични содржини