Најмалку 15 лица загинаа, а 70 се повредени кога се сруши надвозник на метрото во Мексико Сити, соопштија локалните власти.
Локалната телевизија покажа снимка на која се гледа надвозникот како паѓа врз автомобилите што се движат по улицата, пренесува Ројтерс.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како медицински тимови и пожарникари трагаат по преживеани.
Градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шинбаум, на Твитер напиша дека пристигнала на местото на несреќата, дека загинале 15 лица и дека еден автомобил е заробен под урнатините.
Несреќата се случи на метро линијата број 12, која беше изградена додека сегашниот министер за надворешни работи, Марсело Ебрард беше градоначалник на Мексико Сити.
„Она што се случи денес е ужасна трагедија. „Мојата солидарност со жртвите и нивните семејства“, напиша Ебрард на Твитер.
Тој посочи дека мора да се испитаат причините за несреќата и да се утврди одговорноста, како и дека им е на располагање на властите за да им помогнат.