Страшо Ангеловски: Македонија треба да покаже достоинствен, а не вазален однос во меѓународните односи

од desk2
858 прегледи

Кочниците за евроинтеграциите на Македонија никако да завршат. За ветото на Бугарија кон Македонија , ЕУ со бројни оправдувања.  По се изгледа надежта на нашата влада дека грубата бугарска политика кон Македонија е популистичка предизборна трка на бугарските претенденти за тамошната власт се покажа како нивен генерален став, пред која и ЕУ замижува. Став со препознатливи двојни стандарди.

За да може да се даде што е можно порелевантно предвидување за тоа што ќе се случува понатаму во преговорите меѓу Скопје и Софија, повеќе од потребно е нештата да се разгледуваат од три аспекти.

Најпрво, состојбата во ЕУ и нејзините позиции околу ова прашање, потоа, состојбата во Бугарија и позициите околу таканареченото “македонско прашање“ и, конечно, состојбата во Македонија и позициите во преговорите со Софија и ЕУ интеграциите,“ вели во интервју за Локално,  претседателот на МААК , Страшо Ангеловски.

Тој е дециден ; Само кусогледи и кусоумни политичари во Македонија може да ги чекаат резултатите од изборите во Бугарија и да се надеваат на можна промена на официјална Софија во ставот кон измислениот спор.“

-Што сега по изборите во Бугарија. Ставовите на најголемите бугарски партии кои се борат за новиот мандат – и понатаму со ист став кон преговорите со Македонија. ЕУ глуми дека наводно не очекувала вакво однесување од Софија, но сепак постојано наоѓа оправдувања за нивните „присвојувачки“  вековни желби. Има ли излез од овој вртлог?

-Европската Унија во моментов се наоѓа во фаза на најголема поделба во целото свое постоење, што не треба да не’ зачудува, бидејќи нејзиниот однос на двојни стандарди, конечно почна да ја разјадува одвнатре.

Од едната страна се наоѓаат еврократите од Брисел,платени од големите светски корпорации за да од ЕУ  направат наддржава како општество на корпоративен фашизам, како што го нарекува нобеловецот Џозеф Стиглиц, со која тие ќе управуваат.

Од другата страна се интересите на суверените држави членки, кои, по примерот на Унгарија, се’ повеќе го креваат гласот и ги бараат своите суверени права, односно, одлуките на ЕУ да бидат заеднички одлуки на претставниците на суверените држави членки.

Во меѓувреме, се покажа целосната бесмисленост во функционирањето на ЕУ на принцип на консензус на сите земји членки, кога трите најголеми држави, Франција, Германија и Италија побараа да се донесе одлука за одржување самит со Руската Федерација по примерот на оној на САД и Русија. Но, бидејќи ЕУ е и формирана врз двојни стандарди, односно, под притисок на САД источноевропските држави без исполнување на какви било критериуми итно станаа земји членки, сега, заради интересите на САД, а по принципот на консензус, го оневозможија таквиот самит.

Не можејќи да го прикажат толку посакуваното, макар и лажно, заедништво на Унијата во односот кон светските сили, со што би станале глобален светски фактор во геополитичките случувања, на ЕУ и преостанува можноста своето “заедништво“ и својата преостаната регионална моќ да ги истакнува во односот кон немоќните – кон земјите од таканаречениот Западен Балкан кои претендираат да станат нејзини членки. Во тој нивни однос, можете да ја видите лицемерната ароганција на бриселските еврократи и нивните веќе препознатливи двојни стандарди.

Оттука, не е тешко да се претпостави дека во ионака антицивилизациски наметнатиот  спор меѓу Скопје и Софија, ЕУ, под притисок на “госпожа“ Меркел, ќе застане на страната на своето Сакскобургготско чедо, односно од нив создадената бугарска држава.

Доколку кон ова го додадеме и “заморот“ од проширувањето што се чувствува во ЕУ (само 26 проценти од анкетираните жители на ЕУ на последната анкета се изјасниле дека го поддржуваат проширувањето), мораме да се соочиме со веќе видената турска реалност на речиси полувековно седење во европската чекалница.

Во вакви услови како ние ќе продолжиме со „пријателските“ преговори со Софија?

Што се однесува до состојбата во Бугарија и односот кон ова прашање, работите се повеќе од јасни. Само кусогледи и кусоумни политичари во Македонија може да ги чекаат резултатите од изборите во Бугарија и да се надеваат на можна промена на официјална Софија во ставот кон измислениот спор. Имено, очигледно е дека според распоредот на силите после повторените избори, Бугарија или ќе добие малцинска Влада која ќе биде на стаклени нозе и, токму заради тоа двојно ќе ја засили реториката во односот кон Македонија, или, ќе оди на нови избори, кои најверојатно нема да донесат ништо ново.

Третата опција би била онаа како во 2007-та кога ЕУ и воведе валутен борд на Бугарија за да ја спаси од банкрот, сега да ја притисне, се разбира заради свои потреби, да формира Влада на непомирливост, за што Софија би била наградена со европска поддршка во решавање на своите проблеми, па и оној со Македонија.

За жал, која било Влада во Софија ќе има непроменет однос  во спорот со Македонија, бидејќи за нив ова не претставува дневнополитичко прашање, туку е плод на националната Санстефанска стратегија во однос кон “македонското прашање“, долга речиси век и половина. И, за бугарските политичари не постои попогоден момент за исполнување на санстефанскиот сон од денешниов – заради поддршката од ЕУ и заради постоењето на вазалната Влада на Заев.

Сега ВМРО-ДПМНЕ  го наметна и прифаќањето на Резолуцијата за црвените линии на Македонија, која доколку биде поддржана од сите коалициски партнери, би можела да ги подигне преговорите на еден повисок степен? Мислите дека СДСМ конечно ќе ја поддржи резолуцијата? Како го оценувате ставот на албанските партии во однос на Резолуцијата?

-Состојбата во Република Македонија и позициите околу ова прашање, за жал, се наједноставни за анализа. Имаме Влада докажана во нејзината сервилност, посебно пред американските и европските “авторитети“; Влада заробена од ветувањата дадени токму ним за да биде инсталирана на власт, заради што мора да го испорача ветеното; Влада чие натамошно егзистирање зависи од добрата волја на ДУИ, па ставовите на ДУИ околу ова прашање стануваат и официјални ставови на Владата, што е повеќе од опасно; Влада која со потпишувањето на договорот со Атина веќе ја доведе Република Македонија во позиција на гарантна окупација (гарантна окупација – можност на странска држава да се меша во твоите внатрешни работи се’ до исполнување на последната точка од некој потпишан договор), па не е тешко да се замисли дека тоа ќе го стори и со договорот со Софија; со еден збор, Влада кревка во внатрешните односи со коалицискиот партнер ДУИ и целосно неотпорна на надворешни влијанија и притисоци.

Токму заради ова СДСМ ниту може ниту смее да прифати каков било документ за воспоставување црвени линии во преговорите со Софија во заштита на националните интереси. Не смее бидејќи е притисната од ветувањата дадени на “авторитетите“ од надвор и од потребата да ја сочува власта заради пролонгирање на одговорноста, односно седнување на судските столчиња заради сите сторени криминали, што е неможно доколку не ги  почитува ставовите на ДУИ. Штетата што со тоа му ја нанесуваат на македонскиот народ е непроценлива, за жал, можеби и уништувачка.

Имајќи ја предвид целокупната ситуација, како според вас, како претставник на една од најстарите македонски партии треба да реагираме во моментов- би требало да продолжиме или да паузираме на патот кон ЕУ?

Единствениот излез е во најитното заминување на оваа гарнитура од власт, замрзнување на барањето за членство во ЕУ под вакви антицивилизациски и недостоинствени услови се’ до промена на бесмисленото функционирање на ЕУ како еврократска наддржава со заедница на суверени држави, воспоставување внатрешно единство во врска со националните интереси на македонскиот народ без што нашето постоење е доведено во прашање и, конечно, достоинствен а не вазален однос во меѓународните односи, онака како што доликува на суверена држава во 21-от век.

М.Б.

Слични содржини