„Алкалоид“ продолжува со зајакнување на меѓународното присуство на eден од најпрепознатливите македонски брендови за бебешка нега „Бекутан“, овојпат преку влез на пазарите во балтичкиот регион, проширувајќи ја успешната глобална приказна преку малопродажната мрежа на „Лидл“.
Со внимателно планиран пласман, производите на „Бекутан“ отсега ќе бидат достапни и за потрошувачите во Летонија и во Литванија, со што се отвора ново поглавје во меѓународниот развој на брендот, зацврстувајќи го неговото позиционирање на европскиот пазар. Присуството во 111 продажни објекти – 36 маркети во Летонија и 75 во Литванија – претставува јасен показател за обемот и значењето на првиот пласман во овој дел на Европа. Ваквиот развоен исчекор претставува дополнителна потврда за конкурентноста на македонскиот бренд и за неговата способност целосно да одговори на високите стандарди на европскиот пазар.
Реализацијата на проектот е остварена во партнерство со „Лидл“ Македонија, што претставува значаен стратешки напредок во процесот на интернационализација и пример за успешно поврзување на домашниот пазар со европската малопродажна инфраструктура.
Вклучувањето на „Бекутан“ во оваа програма на „Лидл“ претставува силен доказ за стандардите што доследно ги одржува брендот со децении – бескомпромисен квалитет, развој заснован на експертиза и доверба стекната меѓу генерации потрошувачи. Токму овие фактори го позиционираат „Бекутан“ како конкурентен европски бренд со јасен потенцијал и капацитет за одржливо присуство и надвор од традиционалните пазари.
Приказната за „Бекутан“, кој со децении ја гради својата препознатливост врз темелите на сигурноста и нежноста, денес допира до повеќе од дваесет меѓународни пазари. Од Соединетите Американски Држави и Германија, па сè до Скандинавија и Блискиот Исток, брендот континуирано ги потврдува својот углед и довербата на глобално ниво.
Како еден од најпрепознатливите македонски брендови во регионот и пошироко, од своето лансирање во 1978 година со пет основни формулации „Бекутан“ денес прерасна во портфолио со повеќе од 60 типови производи и со повеќе од 100 форми на пакувања, сите клинички и дерматолошки тестирани и развиени заедно со педијатри, неонатолози и дерматолози.