Израелскиот премиер упати остри критики кон потпишаниот договор со Иран за нуклеарната програма на Техеран. Нетанјаху е убеден дека тоа претставува закана за безбедноста на Израел. Но не е во право, забележува Бетина Маркс.
Деновите на еврејскиот празник Пасха вообичаено се политички смирени , но оваа година не е така. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е исполнет со вознемиреност – загрижен е за безбедноста на земјата, бидејќи стравува дека нуклеарниот договор со Иран непосредно го загрозува постоењето на Израел. И затоа се обидува да го попречи рамковниот договор.
Во безброј интервјуа за различни американски телевизии Нетанјаху истакна дека сакал да “убие” еден лош договор. При тоа изгледаше стресно, вознемирени и агресивен. Нетанјаху предвидува нова трка во нуклеарното вооружување во регионот, ако санкциите против Иран бидат откажани и на земјата и биде дозволено да задржи некои од своите нуклеарни капацитети. Според израелскиот премиер, ако Блискиот Исток е полн со нуклеарни стапици, ќе биде вистински кошмар за целиот свет.
Опасната нуклеарна трка
Факт е дека ако Блискиот Исток се вооружа со нуклеарни боеви глави, ќе претставува закана сосема не само за Израел. Незамисливо е она што би можеле да извршат со овој вид оружје диктаторите, кои можат да се задржат на власт само со насилство и угнетување. Да не зборуваме, пак, што би се случило ако терористички организации се здобијат со нуклеарно оружје или дојдат до нуклеарните арсенали на некој соборен диктатор.
За Израел, кој се гледа како демократско предмостие на Западот во едно непријателска околина, ова сценарио е вистински кошмар. Рамковниот договор со Иран сепак цели да го спречи токму ваквиот развој на работите – договорот треба да му дозволи на Иран исклучиво мирно користење на нуклеарната енергија. Но израелската влада смета дека тоа не е доволно – таа инсистира Техеран експлицитно да го признае правото на постоење на Израел. Барање што американскиот претседател Барак Обама веќе го отфрли.
Нетанјаху дефинитивно ризикува многу со конфронтирачкиот пристап – сепак Израел е единствената земја на Блискиот Исток, која располага со нуклеарно оружје. Се претпоставува дека во арсеналот на државата се складираат до 300 нуклеарни боеви глави. Точниот број не се знае, бидејќи Ерусалим не се приклучил кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје и не допушта ненајавени инспекции на своите нуклеарни капацитети. На овој начин токму Израел создава предуслови за трка во нуклеарното вооружување, кое сега се обидува да запре.
Потребна е политичка промена
Постои уште моментот Израел да тргне по друг политички пат и да се обложи на соработката и разбирањето. Под услов и други земји во регионот да се плашат од вооружениот со нуклеарно оружје Иран, Ерусалим треба да се разбере и да направи сојузи и со нив. Сам против сите Израел нема шанси да преживее во Блискиот Исток.
Затоа израелската влада треба да го смени курсот и што е можно побрзо да го реши конфликтот со Палестинците. Тоа е премисата за крај на растечката дипломатска изолација на земјата. Освен тоа Нетанјаху треба да го напушти конфронтирачкиот курс во однос на САД и да се врати кон блиската соработка со Вашингтон што го одржуваа претходните влади. За што нуклеарниот договор со Иран е добар повод. Наместо да создава пречки, Израел треба да го поздрави фактот дека петте постојани членки на Советот за безбедност и Германија така интензивно се грижат за слабеење на иранската закана, но и поради безбедноста на Израел. Избезумените обиди на Нетанјаху да го уништи договорот се навредливи за САД и за другите партнери на Израел во преговорите. Но штетат пред сè на самиот Израел.
