Најновиот стрес-тест покажа дека европските банки се во подобра состојба отколку пред две години, според резултатите објавени од Европскaта агенција за надзор на банките (ЕБА).
Според резултатите, банките покажаа поголема профитабилност и посилни капитални бафери, што ги става во позиција да се справат со загубите во случај на остар економски пад.
Како модел за најлошото сценарио, тестот ја зеде можноста за остар глобален економски пад поради ескалација на геополитичките тензии, царински конфликт и шокови на страната на понудата. Стрес-тестот покажа дека банките можат да апсорбираат загуби од 547 милијарди евра, што е над бројката од пред две години, која изнесуваше 496 милијарди евра.
Капиталните загуби беа помали отколку во претходниот тест и би изнесувале 3,7 процентни поени во споредба со претходните 4,79 процентни поени. Ова е мерење на таканаречениот коефициент на обичен капитал од прв степен, кој го поврзува капиталот со изложеноста на ризик и е индикатор за финансиската сила на банките.
Сите банки остварија резултати над основните капитални барања, иако во применетото сценарио, 17 банки ќе мораа да ги ограничат дивидендите или бонусите. Пред две години, се работеше за 37 банки.
„Сето ова покажува дека европските банки остануваат отпорни дури и во случај на сериозен економски пад“, вели ЕБА.
Резултатите објавени на веб-страницата на ЕБА покажуваат дека 64 банки биле вклучени во стрес-тестот, меѓу нив Ерсте Груп, Рајфајзен Банк Интернешнл, ОТП Банк, Интеса Санпаоло и УниКредит.
Тестирањето се спроведува на секои две години по глобалната финансиска криза.
Банките што беа вклучени претставуваат 75 проценти од вкупните банкарски средства во Европската Унија (ЕУ).
Стрес-тестот предвиде дека бруто-домашниот производ на ЕУ ќе се намали за 6,3 проценти во рок од три години, невработеноста ќе се зголеми за 5,8 проценти и ќе има пад на цените на акциите од 50 проценти и силна корекција на цените на пазарот на станбени и комерцијални недвижности.
Некои од очекуваните проблеми почнаа да се материјализираат, како што се американските царини, но ЕБА истакнува дека сценариото е значително посериозно од сегашните прогнози за развојот.
За разлика од стрес тестовите во САД, во ЕУ тие немаат директно влијание врз капиталните барања или ограничувањата за исплата на дивиденда за банките, туку се користат за годишни извештаи од страна на надзорните органи.