Од утре, специјализиран медицински тим од неколку државни клиники ќе започне со прегледи и евалуација на пациентите повредени во трагичниот пожар од 16 март, кои се вратени од лекување во странство. Прегледите ќе се вршат во Општата болница – Кочани, а целта е утврдување на моменталната здравствена состојба и потребата од понатамошна нега, рехабилитација и медицински помагала.
Како што информираше заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, во земјава се лекуваат седум пациенти, а 11 сè уште се во странство. Од вкупно 18 пациенти со незаздравени изгореници, три се хоспитализирани на Универзитетската клиника за пластична хирургија, двајца во „Систина“ и двајца во болницата во Кочани. Околу 40 пациенти посетуваат физикална терапија, а 30-на се третираат со плазма збогатена со тромбоцити.
Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓорѓиевска Павловска, изјави дека некои пациенти можеби ќе имаат потреба и од трансплантација на кожа. Според неа, повредите кај некои од нив се исклучително сериозни и ќе бараат долготраен третман.
Во болницата во Кочани веќе работат 10 специјално обучени здравствени работници, а доколку има потреба, ќе се вклучат и останатите 35 кои беа обучени од експерти од Велика Британија. Надлежните уверуваат дека постојано се следи ситуацијата и се подготвени да реагираат веднаш по потреба.
Дополнително, најавено е дека антикоагулансот Клексан ќе биде достапен на рецепт, без потреба од рефундација.
Фондот за здравствено осигурување ќе го покани и тимот од Израел, кој учествуваше во првичната фаза од третманот, за да даде свое стручно мислење за натамошната нега на пациентите. Сите повредени, при враќање во земјава, се прегледуваат од тим лекари – пластичен хирург, психијатар, пулмолог и токсиколог – и се упатуваат на понатамошна терапија.
Од 115 пациенти кои беа испратени во странство, 11 сè уште се таму – тројца во Грција, двајца во Турција, четворица во Србија, и по еден во Австрија и Словенија. Сите се во стабилна состојба.