Од студентски дом со висок стандард во светски размери, до мизерни услови за студентите кои престојуваат во него, архитектот на „Гоце“ Георги Константиновски, забележа дека денес домот не личи на ништо .Тој заедно со собраните студенти, во тревникот позади студентскиот дом, ја проследија проекцијата на филмот „Зелени ѕидови, црна храна“, на Сандра Ѓоргиева, студентка на Филмска и ТВ монтажа при Факултетот за драмски уметности и која две години живеела во овој дом. Во филмот, станари на домот анонимно раскажуваат за лошите услови и недостигот на основни потреби за опстанок.12033038_1683401221890160_2236855713141459857_n-540x399

Константиновски потсети дека условите не биле отсекогаш мизерни. Тој раскажа дека првите генерации што живееле во студентскиот дом, имале можност да живеат во еден од најдобрите студентски домови во светот, во тоа време. Меѓутоа, упати апел до државата да помогне во реновирањето на домот.

„Јас мислам дека единствено што може да помогне тука е државата. Јас сум задоволен од онаа зграда што е обновена и камо среќа да се продолжи на тој принцип и другите блокови да се корегираат е тогаш студентите ќе бидат задоволни, а и Република Македонија ќе биде горда“, изјави Константиновски, додавајќи дека голем дел од идеите за проектот, се уште не се реализирани.

Ѓоргиева пак, вели дека кога првпат се соочила со проблемите во студентскиот дом, најмногу гнев почувствувала од фактот што самите студенти се пасивни и дозволуваат да живеат во мизерни услови.

„Не лутете се ако во филмот студентите се прикажи целосно пасивни. Точно е дека имаше многу протести и окупации за кои сум среќна и во кои учествував самата. Но, протести за домовите немало досега. Лута и гневна бев поради тоа што кога одевме од врата до врата, молевме некој да даде изјава за во филмот. Сите буквално ни ја затвораа вратата пред нос. Едвај најдовме студенти кои ќе зборуваат под услов дека ќе им се закрие идентитетот. Одев по спратовите и лепев за протестите и окупацијата и некој одеше по нас и ги одлепуваше“, се обрати Ѓоргиевска пред нејзините колеги.

Таа, исто така побара да се вложат пари за студентскиот дом. Меѓудругото, нагласи дека ваквата слика е актуелна во речиси сите студентски домови во државата.

Веднаш по проекцијата и обраќањата на Константиновски и Ѓоргиева, со познатите извици „Нема правда нема мир“, „Доста беше молк“ и „Дојди и приклучи се“, студентите се упатија кон дворот на студентскиот дом, со цел да ги разбудат нивните колеги од пасивноста прикажана на филмот. Тие испратија порака до студентите кои не излегоа дека допрва почнува борбата за подобрување на условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“./МОФ