Студентите на Факултетот за драмски уметности во блокада во Србија ги повикаа граѓаните да започнат масовен прекин на работата од вторник, 1 јули, пренесува телевизијата „Н1“.
Како што велат, граѓаните се обединија околу три барања, „распишување вонредни парламентарни избори, распуштање на „собирот“ во Пионирскиот парк и ослободување на неправедно притворените студенти“.
„Сè пука по рабовите. Нелегитимната влада, предводена од тиранинот Александар Вучиќ, го покажа своето вистинско лице со невидена репресија и полициска бруталност врз својот народ“, се наведува во соопштението на студентите од ФДУ.
Во соопштението се додава дека на 28 и 29 јуни, Министерството за внатрешни работи, заедно со службите за државна безбедност, уапси повеќе од 100 студенти кои учествуваа во подготовката и спроведувањето на митингот на Видовден, и најави уште многу идни „неосновани апсења и итни гонења“.