„Се плашам од стагнација и се плашам да не дадам отпор таму каде што се чувствувам на некој начин неудобно, незаштитено и неслушнато и затоа веројатно се кандидирав за студенстска правобранителка. За мене можеби најголем проблем е апатијата на самите студенти“ рече студентската правобранителка Викторија Постоловска во интервју за „Трн“.
Таа додаде дека во оној момент кога студентите ќе сфатат од кое значење е општествената улога која тие ја играат како академски граѓани, тогаш ќе има придвижување на подобро.
„Меѓутоа се плашам дека студентите се навикнати на еден вкоренет систем на функционирање, на некои застарени методи на просвета, методи на општа функционалност. Се привикнале на нив,сфатиле дека тие се многу време одржлини и не веруваат на себе си и во моќта која тие ја имаат за промена на таквите системи кои се деструктивни и регресивни на некој начин“ рече Постоловска.
Според неа младите се замолчувани ако се побунат за нешто, што не е ситуација само на Балканот, туку и општо во светот, поради што тие се дијагностицирани како пасивни набљудувачи или ТикТок генерација.
„Тие се карактеризирани како луѓе кои немаат свое јас, кои се отуѓуваат од колективот и слично. Токму со тие епитети младите се соживуваат и баш поради тоа се плашат да отстапат од таа патека и да превземат нешто што може да донесе промена“ рече Постоловска.