Студија во ЕУ и Северна Македонија: Нема подобрување во интеграцијата на Ромите

од Nikola Popovski

Позицијата на Ромите, со лоши услови за живот и неизвесна перспектива за образование и работа, не е подобрена и покрај целите поставени од Европската унија (ЕУ), се вели во извештајот објавен денеска од Европската агенција за основни права (ФРА), во кој покрај членките на Унијата беа опфатени и кандидатките за членство, Северна Македонија и Србија.

Ромите насекаде „продолжуваат да се соочуваат со шокантни нивоа на маргинализација и дискриминација“, вели директорот на ФРА Мајкл О’Флаерти во изјавата, додавајќи дека креаторите на националните политики треба да вложат „секакви напори за борба против овие неподносливи ситуации“.

Извештајот, заснован на речиси 8.500 сведоштва на Роми во десет европски земји, нагласува „недоволен и премногу бавен напредок“.

Според ФРА со седиште во Виена, 80 отсто од членовите на ромската заедница живеат во сиромаштија, додека просекот кај остатокот од населението на ЕУ е околу 17 отсто. Овој податок беше ист кога беше спроведена последната студија на оваа тема во 2016 година.

Повеќе од половина живеат во влажни, темни станбени единици без соодветни санитарни објекти (за разлика од 61 отсто во 2016 година), а 22 отсто немаат проточна вода (за разлика од 30 отсто пред шест години).

Само 43 отсто од Ромите во ЕУ имаат платена работа, додека просечната вработеност во Унијата е 72 отсто.

Очекуваниот животен век за жените Ромки е 71 година, а за мажите Роми 67 години, во споредба со 82 и 76 години за општата популација во ЕУ.

Кога станува збор за образованието, бројките се драматични бидејќи 71 отсто од младите Роми го напуштаат образовниот систем предвреме, додека просекот е само 10 отсто меѓу младите од 18-24 години во ЕУ.

Извештајот се базира на податоците собрани од ФРА во текот на 2021 година во членките на ЕУ – Хрватска, Чешка, Грција, Унгарија, Италија, Португалија, Романија, Шпанија, како и во двете земји кандидати Србија и Северна Македонија.

Во Бугарија и Словачка, податоците беа собрани од националните власти со поддршка на ФРА.

Слични содржини