Истражувањето на Здружението на германски осигурителни компании (УДВ) покажува дека има поголема веројатност жените да бидат сериозно повредени во сообраќајни незгоди отколку мажите. Една од причините за тоа е што жените често седат на поопасното совозачко седиште или возат помали автомобили.
„Ризикот од повреда кај патничките е речиси двојно поголем отколку кај машките патници. Поголем ризик се и постарите лица додека возат. Нивниот ризик од повреда е до 3,5 пати поголем од оној на помладите”, вели Кирстин Зејдлер од УДВ, во интервју за германски „Тагесшау“.
Дополнителна причина за поголемата ранливост на жените се и куклите кои се користат при краш тестовите, а кои најчесто го имитираат машкото тело. Потребни се модерни технологии и попрецизни сензори за подобро да се земат предвид разликите меѓу полот и возраста, вели Зејдлер и повикува на развој на нови кукли за подобрување на безбедносните стандарди.
Современите безбедносни системи можат да помогнат да се намали ризикот од повреда. Овие системи се прилагодуваат на сериозноста на несреќата и обезбедуваат максимална заштита при тешки судири. Сепак, според Smart Up News, сè уште има недостаток на соодветни кукли за тестирање и понатамошен развој на овие системи.