Судењето на Диди: Лопез и пукањето од 1999 повторно во фокусот

од Љубиша Владимиров
176 прегледи

Пејачката Џенифер Лопез би можела да биде вовлечена во судењето на Шон “Диди” Комбс, кој минатата година беше уапсен и обвинет за рекетирање, сексуална трговија и кривични дела поврзани со проституција. Обвинителите планираат да ги користат доказите поврзани со пукањето во ноќен клуб во 1999 година, инцидент во кој беше вмешан озлогласениот рапер. За време на пукањето, присутна била и Џенифер Лопез.

По инцидентот, при кој беа повредени три лица, Паф Деди и Лопез го напуштиле клубот, а полицијата започнала потера низ Менхетен. По нивното запирање, во автомобилот на парот бил пронајден украден пиштол. И Лопез и тогашното ѝ момче, Паф Деди, беа уапсени. Деди беше обвинет дека пукал за време на престрелката, но подоцна беше ослободен од обвиненијата. Лопез беше приведена, но против неа не беа поднесени обвиненија.

Адвокатите на Деди тогаш тврдеа дека сведочењето на клучниот сведок е очигледно неверодостојно, бидејќи истиот тврдел дека раперот се обидел да го поткупи. Адвокатите на Комбс сега се борат инцидентот со пукањето да биде исклучен од доказите на претстојното судење, кое треба да започне во мај, пренесува Daily Mail. Судските документи поднесени претходно овој месец, исто така, откриваат дека тимот на Деди бара од судот да ја исклучи и контроверзната видео снимка на која се гледа како физички ја напаѓа поранешната девојка, Каси Вентура. Нивниот став е дека автентичноста на видеото не може да се потврди.

Дополнително, тие бараат да не се прифатат ни доказите поврзани со таканаречената „Жртва 3“, тврдејќи дека тие би можеле да предизвикаат силна емоционална реакција кај поротата. Вклучувањето на доказите за пукањето од 1999 година може да доведе до тоа Џенифер Лопез да биде спомната или дури повикана во текот на судењето. Еден од најзначајните докази за падот на раперот беше видеото од 2016 година, на кое се гледа како Диди ја удира Каси во ходник на хотел.

Видеото беше објавено од CNN во 2024 година, по што Диди јавно се извини и изјави дека презема целосна одговорност. Тој беше уапсен четири месеци подоцна. Сепак, неговите адвокати тврдат дека снимката е целоcно лажна, изменета, забрзана и монтирана, барајќи сослушување за да се утврди дали видеото може да се користи како доказ.

Видеото, велат тие, не може да се потврди бидејќи CNN ја поседува единствената копија, а оригиналот бил избришан. За потребите на одбраната, ангажиран бил форензичкиот видео аналитичар Конор Мекорт, кој во својата изјава навел дека снимката е значително забрзана, содржи „значителни изобличувања“ и дека не може да се исклучи можноста за монтажа.

Слични содржини