Судењето на векот започна: Доколку биде прогласен за виновен, Диди може да помине доживотен затвор

од Љубиша Владимиров
26 прегледи

Хип-хоп могулот Шон „Диди“ Комбс конечно се појави во федералниот суд во Менхетен во понеделникот, по неколку месеци зад решетки, каде што се соочува со сериозни обвиненија за трговија со луѓе, рекетирање и присилна проституција.

Обвинителството тврди дека основачот на „Bad Boy Records“ ги намамувал жените во романтични врски, по што ги присилувал да учествуваат во секс-забави под дејство на дрога, познати како „Freak Offs“. Според нив, Комбс ги снимал тие средби и потоа ги уценувал жените со снимките.

„Кога жените се спротивставувале или одбивале да присуствуваат на тие забави, тој ги казнувал – и физички и психолошки“, изјави обвинителката Емили Џонсон во своето воведно излагање. Таа најави дека поротата ќе слушне потресни сведоштва од жртви кои ќе опишат како биле дрогирани и присилени да глумат сексуални фантазии во хотелски соби.

Одбраната, пак, тврди дека Комбс е невин и дека сите врски биле консензуални. „Овој случај не е за трговија со луѓе, туку за приватен живот на возрасни луѓе кои донеле свои избори“, рече адвокатот Тени Герагос.

Комбс, кој има 55 години, се изјасни за невин по пет точки од обвинението. Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со најмалку 15 години затвор, а можно е и доживотно затворање.

На судењето присуствуваше и неговото семејство – неговата мајка Џенис и шесте деца, кои седеа во првиот ред. Комбс, облечен во бела кошула и панталони, им се насмевна и им упати бакнеж пред да седне со своите адвокати.

Случајот се смета за уште еден голем процес поврзан со движењето #MeToo, кое ги разоткри бројни злоупотреби во забавната индустрија. Комбс е една од највлијателните фигури во хип-хоп културата, познат по соработките со ѕвезди како Ноториус Б.И.Г. и Мери Џ. Блајџ.

Обвинителите најавија дека ќе прикажат видео-снимки, меѓу кои и надзорна снимка од хотел од 2016 година, на која наводно се гледа како Комбс удира и влече жена која се обидува да ја напушти една од забавите. Слично видео беше објавено и од страна на CNN минатата година, каде што се гледа Комбс како ја напаѓа својата поранешна девојка, пејачката Касандра Вентура, позната како Кеси.

Вентура ќе биде една од првите сведоци против Комбс. Одбраната планира да го оспори нејзиното сведоштво, тврдејќи дека нејзините обвинувања се мотивирани од пари и дека има историја на семејно насилство.

Судењето е закажано да трае околу два месеци, а поротата ќе слушне сведоштва и од поранешни вработени на Комбс, кои, според обвинителството, му помагале во организирањето и прикривањето на овие настани.

Слични содржини