Денешниот протест, единаесетти по ред, уште еднаш го крена гласот на повредените семејства, кои сè уште не добиле јасни одговори за ноќта на 16 март.
Маршот започна во 18:05 часот, симболично во истото време кога се случила трагедијата, на концертот на групата ДНК, кога поради употреба на пиротехника избувна пожар во дискотеката. Во огнената стихија животите ги загубија 62 млади луѓе, а околу 200 беа повредени – некои од нив сè уште се лекуваат.
Родителите и роднините денеска повторно упатија обвинувања за сериозни пропусти и негрижа од страна на институциите. Посочија дека веднаш по пожарот се откриле големи неправилности: дискотеката работела без дозвола, а итната медицинска помош била неадекватна – немало ниту основни материјали, ниту доволно кислород за спасување на настраданите.
„Да беше дискотеката затворена затоа што немала дозвола, немаше да ги загубиме нашите деца,“ рече една од мајките, додавајќи дека нејзината борба е и за другите деца, за никому повеќе да не му се повтори ваква трагедија. До неа стоеше друга мајка која горко додаде: „Јас немам ниедно. Едно имав – и тоа ми го зедоа.“
Семејствата упатија критики и до УЈП, откако ден пред протестот беше објавено дека глобата за дискотеката е платена, но бил затворен само дел од објектот – кафулето. Роднините сметаат дека јавноста е излажана и дека има прикривање на одговорност.
Бараат одговорност и од полицајците кои вечерта интервенирале во дискотеката, но и од директорот и здравствениот персонал во Кочанската болница, поради недостиг на опрема и неспособност да помогнат. Обвинителството досега поднесе обвинение против 34 физички и три правни лица, но роднините се разочарани и велат дека тоа не е доволно.
„Тоа обвинение нема да ни ги врати децата. Но мора некој да одговара. Не за одмазда, туку за да не се повтори,“ рече друг родител.
Пред зградите на полицијата, обвинителството и судот, марширачите ги испратија своите пораки до властите. Со тивко достоинство, но силни зборови, повторно ја упатија главната порака од овој трагичен случај:
„Судиите криво нека седат – право нека судат.“