Судот му дозволи на принцот Хари да покрене тужба против медиумски издавач, но не и за хакирање на телефонот

од Stefanija Kuzmanovska
304 прегледи

Обвинувањата на принцот Хари против News Group Newspapers (NGN), издавачот на весникот во сопственост на Руперт Мардок, ќе добијат судски епилог, благодарение на одлуката на Високиот суд во Лондон, но тој нема да може да ги обвини за хакирање телефони.

Судењето засновано на тврдењата на војводата од Сасекс дека новинарите од таблоидот The Sun и сега веќе непостоечката News Of The World незаконски ја нарушиле неговата приватност и, меѓу другото, ангажирале приватни истражители да добијат информации за неговиот живот, би требало да започне во јануари идната година.

Судијата, исто така, одби да му дозволи на војводата од Сасекс да се потпре на наводниот таен договор за кој тврди дека постоел меѓу кралското семејство и медиумот, пишува „Гардијан“.

Имено, принцот тврдел дека тужбата за хакирање на телефонот можел да ја покрене дури во 2019 година, бидејќи дотогаш во тоа бил спречен со договор меѓу Бакингемската палата и шефот на NGN дека тужбите на кралското семејство нема да бидат покренати додека се склучени и други тужби по истиот основ поведени против истите куќи.

Принцот претходно изјави дека договорот е постигнат за „да се избегне ситуација во која член на кралското семејство ќе мора да седи како сведок и да ги раскажува конкретните детали за приватните и високо чувствителни гласовни пораки кои биле пресретнати“.

Хари рече дека Бакингемската палата „сакала да го избегне ова по секоја цена“, бидејќи не смеело да се дозволи дополнително да се наруши нејзината репутација по објавувањето на детали за „интимен телефонски разговор“ меѓу Чарлс и актуелната кралица Камила во 1990-тите, кога Чарлс бил уште во брак со принцезата Дајана.

NGN негираше дека таков договор меѓу британската круна некогаш постоел и тврди дека барањата треба да се отфрлат бидејќи биле поднесени надвор од шестгодишниот временски рок за покренување правна постапка.

Инаку, војводата од Сасекс моментално презема неколку правни дејствија против британските медиуми, главно за незаконско собирање информации.

Слични содржини