Германскиот суд му забрани на авио-гигантот „Луфтханза“ да користи рекламни пораки за да го оправда наплаќањето дополнителни давачки за клиентите, со образложение дека тие можат да го ублажат штетното влијание на летовите врз животната средина.
На „Луфтханза“ повеќе не и е дозволено да тврди во своите реклами дека „емисиите на јаглерод диоксид може да се неутрализираат со компензација за проекти за заштита на климата“, кои според нивните тврдења, без исклучок, гарантираат значително помала емисија или задржување на јаглерод диоксид од атмосферата, пресуди Судот во Келн.
Превозникот повеќе не смее да им кажува на патниците дека со резервирање летови „директно ги намалуваат емисиите на јаглерод диоксид“ со плаќање такси за гориво што е помалку штетно за животната средина, одлучи судот.
Тужбата против „Луфтханза“ ја покрена еколошката групација Енвиронментал Акшн Германија (ДУХ), која пресудата ја смета за „важна победа во борбата против измамата во рекламирањето“.
„Судот ги потврди нашите критики и се осврна на систематската измама на клиентите што ја користи една од најголемите авиокомпании во светот, глумејќи климатска неутралност на летовите со цел да се наплатат дополнителни такси“, рече извршниот директор на „DUH“, Јурген Реш.
„Авионскиот лет е еден од факторите кои имаат најголемо влијание врз климата. Затоа „продажбата“ на чистата совест за дополнителен надомест заслужува особено остра осуда“, додаде Реш.
Портпаролот на „Луфтханза“ рече дека тие се запознаени со пресудата и внимателно ќе ја проучат.
„Луфтханза континуирано спроведува проекти и мерки насочени кон намалување на влијанието на летањето врз животната средина и принципиелната, максимално ефикасна потрошувачка на потребните ресурси“, додаде тој.