Судски совет бара од Врховен и од апелационите судови да ја воедначат судската практика за кривични дела од сообраќајот

од Берта Китинска
260 прегледи

Судскиот совет испрати барање до Врховниот суд, како највисок суд, кој според Уставот обезбедува единство во примената на законите и воедначување на судската практика, со кое укажува дека судот е неопходно да ја преиспита казнената политика за кривични дела од областа на сообраќајот.

Во дописот до Врховен суд, Судскиот совет наведува:

Согласно член 101 од Уставот, Врховен суд обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите. Врховниот суд преку обезбедување единство во примената на законите ја воедначува судската практика. Затоа е формирано одделение за воедначување на судската практика во рамките на Врховниот суд. Заради постигнување на оваа цел, согласно член 37 од Законот за судовите се предвидени начелни ставови и начелни правни мислења за обезбедување единство во примена на законите. Тргнувајќи од стратешката цел на Судскиот совет за враќање на довербата на граѓаните во судовите и зачестените реакции во врска со актуелни предмети по однос на изречени санкции од областа на сообраќајот, особено за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, Судскиот совет укажува на невоедначена судска практика по однос на казнената политика. Оттаму и потребата да се приспита казнената политика, односно да се обезбеди единство во примената на законите.

Судскиот совет напоменува дека вакво барање до Врховен суд е испратено и во септември 2020 година, поттикнато од невоедначената судска практика и од поднесените голем број претставки од граѓани до Судскиот совет во врска со изречени санкции за кривични дела од областа на сообраќајот.

Барање со слична содржина од страна на Судски совет е испратено и до апелационите судови во Скопје, Битола, Штип и Гостивар, со цел и тие да се вклучат во процесот на воедначување на казнената политика во врска со кривините дела од областа на сообраќајот. Во дописот до апелационите судови се наведува: Имајќи предвид дека апелационите судови, најчесто два пати во годината, расправаат за правни прашања за кои не е усогласена судската практика, Судскиот совет дава целосна поддршка судовите да продоложат со ваквата практика, особено што во изминатиот период на различни апелациони подрачја се зачестени појавите на невоедначена судска практика за кривични дела од областа на сообраќајот.

Дополнително, членови на Судски совет, во својство на координатори на судови, ќе направат увид во неколку предмети од областа на сообраќајот кои се водат во некои од судовите, а за кои во последно време има реакции во јавноста.

Слични содржини