Сугарески: 94 отсто реализација на гасификацијата во 2019, следниот месец започнува нова градежна офанзива

од Берта Китинска
301 прегледи

Членот на Централниот одбор на СДСМ и министер за транспорт и врски, Горан Сугарески од трибината„Агенда 20-24“ посветена на темата инфраструктура, кажа дека во изминатите години 100 милиони евра се фрлале на непродуктивни проекти, како што се спомениците во Скопје и ширум државата.

Сугарески процентот на изградба на водовод и канализација во руралните средини го оцени како катастрофален и додаде дека минатата власт не ги задоволила елементарните потреби и права на граѓаните. Како пример ги спомна Арачиново и Визбегово за кадешто кажа дека граѓаните тешко верувале во ветувањата дека ќе им се среди проблемот со канализација и водовод.

-Често кога одам на терен, кога ќе им кажеме дека овде ќе се гради и секогаш ги земам примерите на Визбегово и Арачиново, луѓето едноставно не веруваа, зошто долги години ги лажеле. Само им ветувале, а ништо не се случувало. И овие два примера се еклатантни во делот што значи задоволување на потребите на граѓаните, меѓутоа и во делот на компаниите. Имаме индустриска зона во Визбегово, каде сега завршуваме до крајот на месецот водовод, почната е веќе канализацијата во Арачиново каде што има посебна симболика и често беше користена терминологијата „не кантонизација туку на граѓаните им треба канализација, рече Сугаревски.

Токму лошата состојба на терен е причина, според Сугарески, поради којашто се посветило сериозно време, финансии и работа.

-Затоа се зафативме со еден сериозен сегмент кој ќе го потенцирам. Огромен дел на водоводи и канализации во изминатиот период само преку министерството за транспорт и врски се реализирани повеќе од 30. Во моментот има 27 и над 30 се веќе во постапка или во тендерирање што значи дека за месец два би отпочнале со реализација. Сметам дека на тој начин најмногу ќе помогнеме на граѓаните, а потоа државата може да инвестира, да вложува, меѓутоа ако елементарно не ги задоволи граѓаните посебно во делот на рурални средини, па и во урбаните средини, јас бев фрапиран од таа бројка, од тој низок процент на изградба на водовод и канализација и во тие средини, но сега драстично се намалува, кажа Сугарески.

На програмската трибина на СДСМ, Сугарески го најави и проектот со помош на Светската Банка преку којшто значително ќе им се помогне на општините.

-Кредитот од Светска банка 70 милиони евра, одобрен од Собранието, е како државата преку Mинистерството за транспорт и врски и преку Владата, да им помогне на општините. Покрај основните буџети коишто ги имаат дополнително тука влегуваме ние да помогнеме во изградба и реконструкција на улици и патишта. 70 милиони евра за проект којшто треба да биде реализиран во рок од 4 години. Задоволен сум бидејќи веќе има 256 проекти стигнати во министерството. Оние коишто се најподготвени пуштени се во Светска банка на одобрување, така што очекуваме од мај, јуни месец да се почне со изведба и реализација, информираше Сугарески.

Слични содржини