Британскиот премиер Риши Сунак ќе ја повика Групата 20 (Г20) на координирана акција за справување со меѓународната економска нестабилност и зголемените животни трошоци по руската инвазија на Украина, соопшти неговата влада во понеделникот.
Сунак во вторник ќе присуствува на самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.
„Секое домаќинство на планетата ги чувствува последиците од војната на Путин“, наведува британската влада во соопштението објавено од британската амбасада во Индонезија, посочувајќи на вртоглавиот раст на цените на енергијата што го забавува глобалниот економски раст.
„Оваа година светот повторно се свртува кон Г20 за да обезбеди стабилност на меѓународните пазари и да го намали притисокот врз најсиромашните луѓе во светот“, се вели во соопштението на владата објавено по пристигнувањето на Сунак во Индонезија.
Тензиите меѓу западните економии и Русија го засенија самитот на Г-20, форум првично создаден за да разговараат за глобалните економски прашања и ги спречија министрите на групата да дадат заедничка изјава.
Британскиот премиер ќе го искористи самитот на Г20 „како можност да го осуди варварството на Путин и да ја принуди Русија да се соочи со последиците од оваа бесмислена кампања на насилство“, велат од британската влада, пренесува „Ројтерс“.