Свечља: Во едно од возилата од вчерашниот напад во северно Косово најдени документи на потпретседателот на Српска листа, Радојичиќ

од Radmila Tasevska
353 прегледи

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека во едно од возилата што беше користено во вчерашниот напад врз косовската полиција на северот од земјата, се пронајдени и документи на потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радојичиќ, кој е на црната листа на САД, како и осомничен за убиството на косовско-српскиот политичар Оливер Ивановиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата на која го презентира арсеналот оружје, униформи и логистичка опрема што косовската полиција ги заплени на север, Свечља рече дека тоа ја докажува поврзаноста или директното учество на Радојичиќ во нападот врз косовската полиција вчера во раните утрински часови, каде беше убиен полицаецот Африм Буњаку.

Свечља изјави дека локални и странски експерти потврдиле дека за толкаво количество вооружување и такви подготовки потребни се најмалку неколку месеци, а дека сето toa било испланирано и нарачано од официјален Белград.

-Се работи за терористичка организација која е предводена и нарачана директно од Белград. Докажано е од домашни и странски експерти дека за количината на оружје и овие подготовки се потребни најмалку неколку месеци. Значи нема врска со ад-хок, брза и организација во последен момент. Во овие материјали најдовме и документи на криминалецот кој исто така е на црната листа на САД, Милан Радојичиќ. Овие документи ја докажуваат неговата поврзаност или директно учество во оваа акција, изјави Свечља на новинарите.

Слични содржини