Обвинителката Марија Круз Мелендез изјави пред поротата во федералниот суд во Бруклин дека 54 -годишниот Ар Кели користел „лаги, манипулации, закани и физичко малтретирање“ за да доминира со своите жртви и дека често ги снимал за време на сексуален однос.
Обвинението го товари за злоупотреба на шест жени и девојки, вклучувајќи ја и покојната пејачка Алаја, која имала 15 години кога се омажила за него.
Неговата адвокатка Никол Бленк Бекер тврдеше дека обвинението има „маани“ и дека Кели, чие вистинско име е Роберт Силвестер Кели, го обвинуваат поранешни обожаватели, кои се несреќни бидејќи нивната врска со него пропаднала.
– Знаеја во што се впуштаат. Врските што ги имаше Кели со разните Џејн До беа врски со согласност, рече Бекер.
Во средата, вториот ден од судењето, сведочеше Јерхонда Пејс (28), која тврди дека Кели почнал да ја злоупотребува во 2009 година, кога таа имала 16, а тој 42 години.
Пејс тврди дека Кели бил среќен кога дознал дека е девица, бидејќи на тој начин тој може да ја „обучи“ најдобро да го задоволи сексуално. Таа сведочеше за нејзините други искуства со R&B пејачот и рече дека тој ја натерал да го нарекува „тато“ и дека не смеела да користи тоалет или да јаде без негова дозвола.
Пејс, која е една од шесте жени од првичното обвинение, го продолжи своето сведочење во четвртокот и му рече на судот дека Кели со часови, па дури и денови одбивал да ја пушти во тоалетот. Таа тврди дека најдолгиот период во кој не смеела да врши нужда, траел три дена.
„Тој ме плукна во лицето и устата и ме давеше за време на расправија“, прочитала Пејс реченица од нејзиниот дневник во 2010 година.
Адвокатот на Кели ја праша Пејс зошто таа не кажала „не“ на Кели и ја обвини дека тогаш го „демнела“ пејачот.
Кели е во притвор повеќе од две години, и доколку биде прогласен за виновен, може да помине децении во затвор. Доколку биде ослободен, тој се соочува со повеќе обвиненија за сексуален напад во Илиноис и Минесота. Тој е обвинет за сексуално злоставување со години на малолетни девојчиња и момчиња, како и дека ги уценувал со секс снимки.