Лекар од Брзата помош во болница во Минеаполис денес сведочеше дека Џорџ Флојд најверојатно починал од недостаток на кислород, што ја поддржа тезата на обвинителството, кое го обвинува поранешниот полицаец Дерек Човин за убиство, бидејќи тој го притискал вратот на Флојд повеќе од девет минути во текот на неговото апсење, минатата година во мај.
Докторот Брадфорд Лангенфелд, лекар од брзата помош кој се обиде да го оживее Флојд, а подоцна го прогласил за мртов, сведочеше дека заклучил дека Флојд, 46-годишниот Афроамериканец, најверојатно починал од асфиксија.
Лангенфелд, кој сведочел на почетокот на втората недела од судењето, рече дека срцето на Флојд престанало да работи пред да го донесат во болница. Лекарот рекол дека работниците на службата за итни случаи му рекле дека претходно се обиделе да го оживеат Флојд околу 30 минути.
Тој, сепак, рече дека не било спомнато дека полицијата вложила напори да го врати Флојд во живот, откако бил уапсен под сомнение дека се обидел да плати со фалсификувана банкнота од 20 американски долари во една продавница, пренесува Гласот на Америка.
Адвокатот на Човин, Ерик Нелсон, го прашал д-р Лангенфелд дали некои лекови можат да предизвикаат недостаток на кислород, а лекарот потврдил дека фентанил и метамфетамин, кои биле пронајдени во телото на Флојд, може да имаат таков ефект.
Човин, кој е белец, работел во полицијата 19 години, се додека не беше отпуштен минатата година по смртта на Флојд.
Тој се изјасни за невин по обвиненијата за убиство од втор степен. Случајот е презентиран пред 12-члена порота во кое има претставници на различни раси.
Адвокатот на Човин тврди дека Флојд починал поради здравствени проблеми од кои страдал и дека Човин ги почитувал правилата на неговата полициска обука за време на апсењето.
Инцидентот на 25 мај 2020 година предизвика масовни протести поради полицискиот третман на малцинствата во САД и ширум светот.