Голем број сведоци на трагедијата во дискотеката „Пулс“ сведочат за херојскиот подвиг на деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница кој и самиот е повреден во пожарот. Како што беше објавено на социјалните мрежи тој успеал да спаси 21 дете.
За неговиот подвиг сведочи и мајката Јадранка Бреслиева која тврди дека Јован и го спасил детето и на грб го однел во болница.
„Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот.
Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи.
Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит.
Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца“, напиша мајката на својот Фејсбук профил.