По четири дена драматично спасување, спасувачите успеаја да го извлечат малиот Рајан, но за жал, тој не успеа да преживее, пренесуваат светските агенции. Момчето кое имаше пет години во вторникот паднало во бунарот.
Родителите на момчето биле видени како одат по хоризонталниот тунел, видно скршени, пред да заминат со возило на брзата помош.
„Почивај во мир ангелу, се надевавме на среќен крај, го обедини цел свет, ова е најлошата вест што можевме да ја слушнеме, не можам да замислам низ што поминуваат неговите родители, храбро се бореше, почивај во мир, ангелу, се само дел од пораките што луѓето ги оставаат.
Мароканскиот крал телефонски им се јавил на родителите на момчето и им изразил сочувство.
Францускиот претседател Емануел Макрон на Фејсбук напиша: „Вечерва сакам да им кажам на родителите на Рајан и на луѓето во Мароко дека ја споделуваме нивната болка“.
Семејството допрва треба да го објави датумот на погребот, но според муслиманската традиција тој треба да се одржи наскоро, начелно во недела.