Рекордно високите емисии на стакленички гасови и намалувањето на загадувањето на воздухот предизвикаа невидено забрзување на глобалното затоплување, предупредија 50 од водечките светски научници.
Од 2013 до 2022 година, „затоплувањето поради човечките активности се зголеми со невидена стапка, повеќе од 0,2 степени по деценија“, објавија научниците во рецензирана студија за креаторите на политиките.
Просечните годишни емисии во истиот период изнесуваат рекордни 54 милијарди тони CO2, или еквивалент во другите стакленички гасови, што е околу 1.700 тони секоја секунда, пишува AFP.
Светските лидери ќе добијат нови податоци на овогодинешниот самит за климата COP28 во Дубаи, на кој ќе се разговара за напредокот кон целите на Парискиот климатски договор од 2015 година.
„Иако сè уште не сме достигнале 1,5 степени на затоплување, количината на стакленички гасови што луѓето можат да ја испуштат без да го надминат тој праг, веројатно ќе биде надмината за само неколку години“, рече водечкиот автор на извештајот Пирс Форстер, професор по физика на Универзитетот во Лидс.
Успешната приказна го забрза загревањето
За да се има 50 отсто шанса да се запре затоплувањето под прагот од 1,5 степени, емисиите на CO2, метан и други гасови кои предизвикуваат глобално затоплување, главно предизвикано од согорувањето на фосилните горива, не смеат да надминат 250 милијарди тони, истакнаа научниците.
За да останат во игра климатските цели во Париз, би било неопходно да се намали загадувањето со јаглерод диоксид за најмалку 40 проценти до 2030 година и целосно да се елиминира до средината на векот, според пресметките на IPCC.
Иронично, една од најголемите климатски успешни приказни во изминатата деценија ненамерно го забрза темпото на глобалното затоплување, покажуваат новите податоци.
Постепеното намалување на употребата на јаглен, кој е значително позагадувачки од нафтата или гасот, за производство на енергија го забави зголемувањето на емисиите на јаглерод. Но, исто така го намали загадувањето на воздухот, што ја штити Земјата од целосната сила на сончевите зраци.
Загадувањето со фини честички од сите извори го ублажува затоплувањето за речиси половина степен, што значи дека, барем на краток рок, повеќе топлина ќе стигне до површината на планетата бидејќи воздухот е почист.
Објавено во списанието Earth System Science Data, новото истражување е првото од серијата периодични анализи на состојбата што ќе помогне да се пополнат празнините меѓу извештаите на IPCC, кои се објавуваат во просек на секои шест години од 1988 година.
„Повик за будење“
Една од авторите на извештајот, Валери Масон-Делмот, рече дека новите податоци треба да бидат „повик за будење“ пред самитот COP28, иако постојат докази дека зголемувањето на количеството на стакленички гасови во атмосферата е забавено.
„Темпото и обемот на климатските активности не се доволни за да се ограничи ескалацијата на ризиците поврзани со климата“, предупреди таа.
Научниците исто така објавија зачудувачки пораст на температурата на копнените површини, освен на океаните, од 2000 година.
„Просечните максимални годишни температури на копното се зголемија за повеќе од половина степен во последните десет години (1,72 степени над прединдустриските услови) во споредба со првата деценија од милениумот (1,22 степени)“, се наведува во истражувањето.
Подолгите и поинтензивни топлотни бранови ќе бидат опасна по живот закана во наредните децении во големи делови од Јужна и Југоисточна Азија и во екваторијалните региони на Африка и Латинска Америка, покажува новото истражување.