Светската банка одобри околу 720 милиони долари заеми и помош за поддршка на украинската влада во исполнувањето на основните потреби на нејзините граѓани погодени од војна.
Извршниот одбор на Светска банка одобри дополнителен пакет за поддршка кој вклучува дополнителни 350 милиони долари заем и 139 милиони долари гаранции. Банката, исто така, започна мобилизација на грант од 134 милиони американски долари и паралелно финансирање од 100 милиони долари. Вкупно се работи за 723 милиони долари.
„Светска банка презема брза акција за поддршка на Украина и нејзиниот народ кои се соочуваат со насилство и екстремни услови предизвикани од руската инвазија“, рече претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас.
„Ова е првиот од многуте чекори што ќе ги преземеме за да помогнеме во решавањето на далекусежните последици што оваа криза ќе ги има за украинскиот народ и економијата“, додаде Малпас.
Светската банка во наредните месеци ќе подготви пакет за поддршка на Украина во вредност од три милијарди долари.