Светскиот економски форум (СЕФ) ги „замрзна“ односите со Русија, пишува американскиот портал „Политико“, истакнувајќи дека „времето на шампањот и рускиот кавијар во Давос завршија – или барем кавијарот“.
Во текстот се наведува дека замрзнувањето на односите на СЕФ со Русија вклучува и стратешко партнерство со конгломерати предводени од олигарси.
Се додава дека Истражувачкиот центар во Москва, поддржан од Кремљ, и советодавниот совет на чело со економскиот советник на рускиот претседател Владимир Путин се „во мраз“.
„Ние не соработуваме со ниту едно лице под санкции и ги замрзнавме сите односи со руските ентитети“, изјави за „Политико“ Аманда Русо, портпаролка на СЕФ.
Порталот, сепак, забележува дека односите „можеби се замрзнати, но не и мртви“, бидејќи СЕФ ја остава отворена можноста да се најде во улогата на „градител на мостови“ меѓу Русија и Украина кога ќе заврши сегашниот конфликт.