Глобалните сектори за туризам и патувања ќе се вратат на нивоата пред пандемијата во 2023 година и ќе растат со стапка повисока од растот на глобалниот бруто домашен производ (БДП), според извештајот на Светскиот совет за патувања и туризам (WTTC).
Се очекува индустријата да постигне просечна годишна стапка на раст од 5,8 отсто од 2022 до 2032 година во однос на растот на глобалниот БДП од 2,7 отсто и ќе отвори 126 милиони нови работни места, се вели во извештајот на WTTC објавен денеска на конференција на индустриската групација во Манила, пренесе Ројтерс.
Во 2019 година, туризмот сочинуваше една десетина од глобалниот БДП и работните места, но пандемијата на коронавирус ја десеткуваше индустријата од 9,6 трилиони долари, преполовувајќи ја нејзината вредност и оставајќи 62 милиони луѓе без работа.