Европската унија свика вонреден самит за Украина и европската безбедност за 6 март, објави во неделата претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
„Одлучив да свикам специјален Европски совет на 6-ти март“, објави Кошта на „X“.
„Живееме во одлучувачки момент за Украина и европската безбедност“, нагласи тој, додавајќи дека во неговите консултации со европските лидери слушнал „заедничка посветеност“ за соочување со овие предизвици на ниво на ЕУ.
Тој го наведе „зајакнувањето на европската одбрана и одлучувачкиот придонес за мирот на нашиот континент и долгорочната безбедност на Украина“.
Тој исто така нагласи дека ќе продолжи да работи заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и сите земји-членки за да бидат подготвени да донесат одлуки на 6 март.
Во понеделник се одбележува третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.
Американскиот претседател Доналд Трамп започна преговори со руската страна без Украина и Европа и го нарече украинскиот лидер „неизбран диктатор“ затоа што Киев не одржа избори во 2024 година поради војната.
Претседателот Володимир Зеленски денеска рече дека е подготвен да се повлече од претседателската функција доколку тоа значи мир за Украина, шегувајќи се дека може да го замени неговото заминување за влез на Украина во НАТО.