Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, поради ситуацијата на Блискиот Исток свика вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки, кој ќе се одржи утре преку видео врска.
„Утре свикувам вонреден состанок на министрите за надворешни работи на кој ќе се разговара за Израел и регионот“, најави Борел.
Исламистичкото движење Хамас, кое најголемиот дел од меѓународната заедница го смета за терористичка организација, во саботата го изврши најголемиот напад врз Израел во последните години, отворајќи жесток ракетен оган од Појасот Газа, додека вооружени милитанти ја преминаа границата на неколку места и влегоа во Израел. Израел тогаш објави воена состојба и одговори со жестоки контранапади.