Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека голема епидемија на вирусот чикунгунија се заканува да се прошири низ целиот свет, повикувајќи на итни мерки за нејзино спречување.
СЗО соопшти дека ги гледа истите рани предупредувачки знаци како за време на големата епидемија пред две децении и сака да спречи нејзино повторување.
Чикунгунија е вирусна болест што се пренесува преку комарци и предизвикува треска и силна болка во зглобовите, што често е исцрпувачко. Во некои случаи, може да биде фатална, пишува „Science Alert“.
„Чикунгунија не е широко позната болест, но е откриена и пренесена во 119 земји низ целиот свет, ставајќи 5,6 милијарди луѓе во опасност“, рече Дијана Рохас Алварез од СЗО.
Таа се потсети како од 2004 до 2005 година, голема епидемија на чикунгунија го преминала Индискиот Океан, погодувајќи мали островски територии пред да се прошири глобално, погодувајќи речиси половина милион луѓе.
„Денес, СЗО го забележува истиот модел: од почетокот на 2025 година, Реунион, Мајот и Маврициус пријавија големи епидемии на чикунгунија. Се проценува дека една третина од населението на Реунион е веќе заразено“, изјави таа на прес-конференција во Женева, додавајќи дека како и пред 20 години, вирусот сега се шири на други места во регионот, како што се Мадагаскар, Сомалија и Кенија.
„Пренесувањето на епидемијата се случува и во Јужна Азија“, додаде таа, а увезени случаи поврзани со епидемијата на островите во Индискиот Океан се пријавени и во Европа. Локален пренос е пријавен во Франција, а сомнителни случаи се откриени во Италија.
„Бидејќи овие модели на пренос беа забележани за време на епидемијата од 2004 година па наваму, СЗО повикува на итна акција за да се спречи повторување на историјата“, рече Рохас Алварез.