Кардиоваскуларните болести се причина за 4 смртни случаи од 10 во Европа, што значи дека 10.000 луѓе умираат од овие болести секој ден на европскиот континент, а четири милиони годишно, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО), советувајќи ги Европејците да консумираат помалку сол.
– Имплементацијата на политиките насочени кон намалување на внесот на сол за 25 проценти може да спаси околу 900.000 животи изгубени од кардиоваскуларни болести до 2030 година – рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Во Европа, секој трет возрасен на возраст меѓу 30 и 79 години страда од висок крвен притисок, кој често е резултат на прекумерна потрошувачка на сол.
Дури 51 од 53 европски земји консумираат просечна количина сол над највисокото препорачано ниво на СЗО од пет грама или една кафена лажичка дневно, главно поради консумирање преработена храна или прекумерно посегнување по грицки.
СЗО предупредува дека прекумерното консумирање сол го зголемува артерискиот притисок, кој е еден од главните фактори за развој на кардиоваскуларни заболувања кои можат да предизвикаат срцеви и мозочни удари.
Европа има највисока преваленца на висок крвен притисок во светот, а мажите имаат двојно поголем ризик да умрат од кардиоваскуларни болести отколку жените.
Исто така, веројатноста да се умре млад од овој тип на болест, на возраст од 30 до 69 години, е петпати поголема во Источна Европа и Централна Азија отколку во Западна Европа.