Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди за зголемен ризик од сексуално преносливи инфекции како и несакана бременост поради намалената употреба на контрацептивни средства кај младите. Според извештајот на СЗО, речиси една третина од адолесцентите (30 отсто) изјавиле дека не користеле ниту кондом ниту контрацептивни таблети во текот на сексуалниот однос, односно, помеѓу 2014 и 2022 година, уделот на сексуално активните млади луѓе кои користеле кондом во текот на сексот паднал од 70 на 61 отсто кај младите мажи и од 63 на 57 отсто кај девојките.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека овие податоци се загрижувачки, но не и изненадувачки.
– Сеопфатното сексуално образование прилагодено на возраста сè уште е запоставено во многу земји, а онаму каде што е достапно, во последниве години е сè повеќе на удар поради лажните премиси дека поттикнува сексуално однесување, рекол Клуге.
Во извештајот објавен денеска се наоѓаат и препораки за креаторите на политиките, едукаторите и здравствените работници, кои опфаќаат широк спектар на теми, вклучително и сеопфатното сексуално образование, што треба да се спроведува во секое училиште.
Главниот автор на извештајот Андрас Келто од Универзитетот во Голвеј (Ирска) рече дека образованието мора да биде повеќе од само обезбедување информации и предложи да се отворат „сигурни простори“ за младите луѓе да разговараат за сите прашања поврзани со интимните односи, пренесува „Еуроактив“.