Ново истражување направено со големите германски трговски синџири сведочи за значаен пораст на кражбите. Притоа, крадат не само поединци, на кои им е сѐ потешко да врзат крај со крај, туку и организирани банди.
Според анкетата на 98 трговски синџири, во 2024 година бројот на кражби пораснал за 3% во одност на претходната година, а им донел вкупни загуби од 4,95 милијарди евра, пишува Дојче веле.
Истражувањето на Германскиот институт за трговија (EHI) за разликата меѓу прокнижената и реалната состојба, покажува дека најголемиот дел од таквите загуби, односно околу 4,2 милијарди евра, се должи на кражби од купувачи, вработени или доставувачи. Тоа исто така е загуба за државниот буџет, оти според институтот, тоа значи и 570 милиони евра помалку собрани даноци на промет.
ЕХИ исто така потенцира дека трговците биле приморани загубите и трошоците за дополнително осигурување да ги надоместуваат со покачување на цените. Авторот на студијата, Франк Хорст, проценува дека сега околу 1,5% од цените во продавниците може да се припишат на кражбите и безбедносните мерки.
Техники на крадење
EHI истакнува и дека за една година, процентот на организирани кражби пораснал за 5%, па сега на нив отпаѓа една третина од вкупниот број кражби. Хорст вели дека се краде по претходно направени списоци.
„Еден останува во автомобилот за бегство, друг го одвлекува вниманието на вработените, трет го крие оној што краде продукти за да не го фатат камерите. Понекогаш во самата продавница се прави „магацин“, односно во торба се става украдената стока, а потоа таа торба, кога ќе се укаже прилика, некој ја изнесува“, објаснува Хорст.
Истражувањето не изнесува точни податоци за тоа што најчесто се краде, ама Хорст вели дека крадците обично посегаат по мали, скапи и производи што може лесно да ги продадат. Тоа се козметика, парфеми, а често и скапите бикчиња и комплети за бричење.
Се краде и скапа храна
Многу продавници тие артикли одамна ги преместиле близу касите или ги чуваат во заклучени витрини, но и без тоа има многу работи што се крадат. Во 2024 година во однос на 2023 пораснал бројот на кражби на прехранбени производи како скапи сирења и кашкавали, како и месни производи.
Но Никол Бегелајн, криминолог од универзитетот во Келн, изразува сомнеж во илустративноста на самата студија. Таа во изјава за „Дојче веле“ дава забелешка дека истражувањето изнесува само кратко оти 98% од случаите воопшто не се откриваат.
„Значи, тоа е само претпоставка дека најголемиот дел од тие загуби може да се припише на кражбите“, вели таа.
Бегелајн исто така изразува сомнеж и за тврдењето на ЕХИ за значаен пораст на бројот на организирани кражби, бидејќи тоа може да биде последица на тоа дека обезбедувањето повеќе обрнува внимание на такви „групни“ посети.
Кривични дела на сиромаштијата
И покрај недостатоците, годишното истражување на ЕХИ е едно од ретките што се зафаќа со кражбите во продавниците и главно се концентрира на економскиот ефект. Бегелајн, која е и криминилог и социолог по звање, дава друга перспектива: Вели дека речиси сите случаи на кражби во продавниците се таканаречени „кривични дела на сиромаштијата“, односно кражби за коишто не треба особен труд и трошок, а на нив најмногу се решаваат луѓе што немаат пари да го купат тој производ.
Во своите истражувања за кражбите во продавниците, Бегелајн утврдила дека крадците што биваат фатени, често се сиромашни, но има замерка и за тоа „правило“ – вели дека вработените во продавниците повеќе внимание обраќаат на луѓе што „изгледаат сиромашно“.
Официјалните статистики покажуваат дека поголемиот дел кражби во продавниците се сразмерно безначајни. Според податоците на германската сојузна полиција, во 66,7% од откриените и процесуирани кражби, вредноста на украденото била помала од 50 евра, а во 40,2% дури и под 15 евра. Казната е најчесто парична, а ако не се плати или не може да се плати, следува затворска казна.
Најдобро е да се краде баш во Германија
Хорст ја опишува Германија како рај за крадците, бидејќи казните се релативно благи. Иако законто предвидува затворска казна до 5 години, во практиката против сторителите со прв прекршок, честопати не се почнува постапка.
Бегелајн смета дека заплашувањето со казни може да има ефект во однос на помалите кражби, но е генерално скептична кон тезата дека построгите казни го обесхрабруваат ситниот криминал.
„Луѓето не престануваат да крадат затоа што се плашат од казната. Во криминологијата се смета докажано дека луѓето се придржуваат до правилата првин затоа што тоа го сметаат за правилно и бидејќи би ги гризела совеста ако ги прекршат“, тврди таа.
Мора ли да биде кривично дело?
Меѓу германските криминолози се води расправа дали треба „кривичните дела на сиромаштијата“ воопшто да се декриминализираат, оти најчесто станува збор за дела без жртви и не бараат кривичен прогон. Веќе долго има повици и другото класично кривично дело на сиромаштијата – возење во јавниот превоз без билет – да се сведе на прекршок, делумно и затоа што казнувањето го оптоварува буџетот и го поплавува правосудството. Секоја година во Германија меѓу 8 000 и 9 000 луѓе завршуваат во затвор поради возење без платен билет.
Но Хорст вели дека кражбите во продавниците не треба секогаш да се сведуваат на „кривични дела на сиромаштијата“: според проценката на институтот ЕХИ, две третини од кражбите во продавниците ги вршат „опортунисти“, односно луѓе што крадат оти им се чини дека никој не ги гледа или мислат дека нема смисла да платат за тоа што им се допаѓа, а меѓу нив има и такви што не се сиромашни. Посебна приказна се и младите: речиси по правило крадците меѓу нив не се од сиромашни семејства, но џепарлакот не им е доволен „за она што сите го имаат“.