Советот на Апелациониот суд ги отфрли жалбите во случајот на поранешните членови на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи по повод нивните барања за привремено ослободување.
„Денеска советот на Апелациониот суд донесе четири решенија со кои се одбиваат жалбите поднесени од Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи против четири релевантни одлуки на судијата на претходна постапка со кои се одбиваат нивните првични барања за привремено ослободување“, се наведува на веб-страницата на Специјализираниот совет во Хаг.
Тие се во притвор во Хаг од ноември 2020 година.
Сите четворица поранешни шефови на ОВК се обвинети за голем број воени злосторства и злосторства против човештвото и се товарат за злосторства на 40 места каде што луѓето биле неосновано лишени од слобода, мачени и убивани и се соочуваат со доживотен затвор.