Тачи: Очекуваме укинување на визите за Косово и статус на кандидат

од Vladimir Zorba
128 прегледи

На денот на Европа, 9 мај, косовскиот претседател Хашим Тачи изрази очекување дека Европската унија (ЕУ) ќе ги укине визите и ќе даде статус на кандидат за Косово. Вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти, пак ја повика ЕУ да се грижи за Косово и за Западен Балкан.

Тачи оцени дека на Косово му се нанесува неправда како резултат на неуспехот да донесе одлука за укинување на визите.

„Секој ден во Европа, ние во Косово ја реафирмираме нашата заложба за европска и западна интеграција. Како и повеќето проевропски нации во регионот, очекуваме ЕУ и земјите членки да покажат политичка волја за укинување на визите за Косово и доделување статус на кандидат“, напиша Тачи на Твитер.

Курти потсети на Денот на Европа дека е потребна правда и одговорност за да се постигне мир и ја повика Европската унија да се грижи за Косово и за Западен Балкан.

Во честитката по повод Денот на Европа, Курти изјави дека нема да има помирување во Европа, ако не беа Нирнбершките процеси и клекнувањето на Вили Брант.

„Историјата е долга низа на тешки лекции, но можеби најважниот дел од лекцијата е дека мирот бара и правда и одговорност“, рече косовскиот премиер.

„Гледаме во Европската унија. ЕУ мора да се грижи за нас. Западен Балкан и ЕУ се економски, геополитички, историски и културно многу важни едни за други. Европскиот напредок зависи од разбирањето на тоа“, порача Курти.