Тачи тврди дека добил поддршка од Помпео и Пелоси за постигнување конечен договор со Србија

од Vladimir Zorba
70 прегледи

Претседателот на Косово Хашим Тачи, кој престојува во Вашингтон за Молитвениот појадок во организација на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти дека се сретнал со државниот секретар на САД, Мајк Помпео и со претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и дека од двајцата добил поддршка за постигнување договор со Србија.

Како што јави МИА од Приштина, Тачи информацијата ја соопшти преку својот профил на Фејсбук, каде што објави и фотографии од средбите со Помпео и Пелоси.

– Како и секогаш, посебно задоволство е да се разговара со државниот секретар на САД, Мајк Помпео. И денеска, на Молитвениот појадок, разговаравме за развојот на настаните во Косово и во регионот на Западен Балкан. Уште еднаш се потврди целосната поддршка од САД за дијалогот и за постигнување сеопфатен и конечен договор меѓу Косово и Србија, напиша Тачи.

Слична објава, дваесетина минути подоцна, косовскиот претседател имаше и за средбата што ја имал со спикерката на Претставничкиот дом, која, за разлика од Помпео, кој е републиканец, доаѓа од редовите на Демократската партија.