И покрај засилената гранична контрола во Германија, Полска и другите земји од ЕУ, бројот на нелегални мигранти што пристигнуваат во Германија се зголемува и „скоро е сигурно дека така ќе продолжи и во наредните месеци“.
Ова го покажува таен извештај од безбедносните кругови, до кој германскиот „Билд“ добил ексклузивен пристап.
Повеќето обиди за нелегален влез во Германија сè уште се случуваат на исток – на границата со Полска и Чешка.
Се чини дека силно утврдената полска копнена граница со Белорусија има ефект, па миграциските движења од белоруско-полската граница сè повеќе се пренасочуваат кон балтичките држави. Но „главната источна миграциска рута сè уште води од Белорусија преку Полска, со Германија како дестинација“.
Во доверливиот извештај се наведува „сезонски зголемен миграциски притисок врз Полска“. Сепак, строгите гранични мерки преземени таму (ограда кон Белорусија, делумно суспендирање на правото на азил) „се спротивставуваат на тој притисок“.
Мигрантите продолжуваат да ја користат Грција за непречено пристигнување со авиони на Запад. „Секундарната воздушна миграција од Грција кон Германија и околните земји-членки на ЕУ останува на високо ниво“, се наведува во извештајот.
Решителната пресуда на Сојузниот административен суд, која за прв пат дозволува враќање во Грција, сè уште нема никакво дејство. Воздушниот пат од Грција до Германија останува „првично многу привлечен за луѓето кои се спремни да мигрираат на запад“.