Директорката на Националното разузнавање на САД, Тулси Габард, со години користела иста лозинка за повеќе лични онлајн сметки додека била член на Конгресот, открива истражувачки извештај објавен од Wired.
Според податоците добиени од хакирани бази на податоци, Габард користела идентична лозинка за нејзиниот Gmail, LinkedIn, MyFitnessPal и други лични сметки од 2012 до 2018 година. Извештајот нагласува дека лозинката не била употребена за нејзините официјални владини сметки, но сепак поттикнува сериозни прашања околу нејзината сајбер безбедност, особено имајќи ја во предвид нејзината моментална функција како шеф на 18 разузнавачки агенции.
Проблемот станува уште покритичен ако се земе предвид дека за време на нејзиниот мандат во Претставничкиот дом, Габард служела во Комитетите за вооружени сили и домашна безбедност – позиции што бараат високо ниво на безбедност и доверливост.
Иако нејзината канцеларија уверува дека лозинките се променети повеќе пати од тогаш, експертите за сајбер безбедност предупредуваат дека користењето иста лозинка за повеќе сметки е сериозен безбедносен пропуст. Агенцијата за сајбер безбедност и заштита на инфраструктурата препорачува користење долги, уникатни и случајни лозинки за секоја поединечна сметка.
Дополнително внимание предизвика содржината на лозинката – таа вклучувала зборот „шрада“, термин кој се поврзува со наводното членство на Габард во контроверзна верска организација. Според Wall Street Journal, поранешни членови на Фондацијата „Наука за идентитет“ – огранок на движењето „Харе Кришна“ – тврдат дека Габард била иницирана во групата под името „Шрада Даси“.
Тимот на Габард остро ги негира овие наводи, нарекувајќи ги „хиндуфобични клевети“. Портпаролката Олива Колман изјави дека директорката никогаш не била член на организацијата, и дека обидите за нејзина дискредитација преку овие поврзувања се „чин на нетрпеливост“.
Во посебен сегмент од извештајот, се наведува и дека Габард учествувала во групен разговор на апликацијата „Сигнал“, во кој се дискутирале воени напади врз бунтовниците Хути во Јемен. Апликацијата не е одобрена од Пентагон за споделување доверливи информации. Габард одби да одговори дали ја користела апликацијата на својот приватен телефон, наведувајќи дека темата е предмет на истрага на Советот за национална безбедност.
„Нема да зборувам за тоа бидејќи е предмет на разгледување“, изјави таа, нагласувајќи дека во разговорот не било споделено ништо доверливо.
Канцеларијата на директорката за Национално разузнавање сè уште не излезе со официјален коментар по повод најновите обвинувања.