Македонија поради спорот за името била една од петте дилеми при признавањето на постјугословенските држави од страна на САД, открива таен меморандум кој американскиот амбасадор во ЕУ, Томас Нилс го упатил до американскиот државен секретар Џејмс Бејкер на 26 февруари 1992 година, пренесува Стандард.мкд сад рус

Ова го покажува еден од мноштвото документи кои неодамна ги декласифицирал Стејт департментот, а кои се однесуваат на случувањата во поранешна Југославија од втората половина на 1991 година и во текот на 1992 година, иако има документи и од подоцнежниот период.

Амбасадорот Нилс на Бејкер му изнел пет можни опции за признавање на постјугословенските држави, а најголемата дилема било како да се постапи во врска со БиХ во пресрет на најавениот референдум на 1 март 1992 година и во врска со Македонија, со оглед на тоа дека Грција го блокирала признавањето поради нејзиното име.

Доколку Америка, како што рекол, би ги признала само Словенија и Хрватска, тоа би можело да ги охрабри Србите и Хрватите во БиХ со Србија и Хрватска да ја поделат БиХ.

„Тоа неизбежно би довело до насилство меѓу трите етнички заедници“, рекол тој.

Втората опција вклучувала само најава за намера за признавање на БиХ и Македонија, со која како што тој смета, би избегнала ризик Америка да биде одговорна при евентуално насилство во БиХ.

„Меѓута, при оваа опција би ни било тешко да објасниме зошто не ги признаваме овие држави врз основа на нивните сопствени заслуги и зошто ги изложуваме на опасност од политички притисок од страна на радикални елементи. Претседателите Глигоров и Изетбеговиќ, двајцата најразумни актери во југословенската криза нé предупредија дека би биле дестабилизирани доколку САД ги признае другите републики, а не нив“, рекол тој, пренесуваат босански медиуми.

Третата опција, која на крај тој му ја препорачал на Бејкер, е истовремено признавање на Словенија, Хрватска и БиХ, што според негова процена, би ја зголемило стабилноста во БиХ.

„Би било можно да се охрабри Европската заедница да одиме заедно кон оваа опсција, при што максимално би ги притиснале Хрватска и Србија и елементите кои сакаат поделба во БиХ“, напишал тој.

Иако ја препорачал опцијата број три, Нилс сметал дека е најдобра опцијата број четри-со која заедно со трите би била призната и Македонија, сметајќи дека тоа би имало стабилизационен елемент во цела Југославија.

„Но признавањето на Македонија пред Европската заедница би предизвикало жестока реакција од Грција и веројатно од грчките Американци. Можен би бил и пад на Владата на Мицотакис. Затоа сметам дека од перспектива на грчко-американските односи, ние не би требало да ја признаеме Македонија пред тоа да го направи Европската заедница“, напишал тој.

Во препорачувањето на опцијата број три, Нилс рекол дека во оваа ситуација би можеле да го одржат притисокот кон Србија и Црна Гора, кои сакаат да бидат прифатени како наследнички на поранешна Југославија.

„Доколку референдумот во БиХ не покаже јасен резултат, или ако безбедносната ситуација се влоши до мера нашата најава за признавање на БиХ да не биде применета, би се вратиле на опцијата под број два“, заклучил тој.

U.S. Relations With Macedonia

САД ги признаа Словенија, Хрватска и БиХ во април 1992 година, додека Македонија на признаа во ноември 1994 година.

Слични содржини