Талевски со информации: Постои план за враќање на Груевски и негова амнестија

„Во јавноста, но и во политичките кругови, интензивно се зборува за нешто што сериозно ја загрижува македонската јавност: дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија“, истакна пратеникот Талески

од Nikola Popovski
58 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, на денешната седница за пратенички прашања обвини дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија, дека политиките на актуелната власт се копија на матрицата на Груевски. Талевски упати пратеничко прашање до министерот за правда, Игор Филков, дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски.

„Во јавноста, но и во политичките кругови, интензивно се зборува за нешто што сериозно ја загрижува македонската јавност: дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија,“ истакна Талески.

Тој нагласи дека до него стигнале информации и луѓе блиски до актуелната власт, дека „постои план, сценарио за создавање клима во која бегалецот од правдата би се вратил во земјата.“

Во своето обраќање Талески предупреди дека политиките на актуелната власт се копија на матрицата на Груевски.

„Злоупотреба на државни институции во партиски цели, злоупотреба на полиција, АНБ, УЈП, инспекции… Напад врз независни институции, политичка хајка против опозицијата, меѓународна изолација, блокирани реформи – се само копија на матрицата на нивниот ментор Никола Груевски.“

Тој потсети дека „Мицкоски политички и идеолошки се формира по ликот и делото на Никола Груевски. Тој е неговиот политички ментор, неговиот учител, неговиот модел.“

Во таа насока, Талевски ја отвори и клучната дилема: дали Владата работи „тивко, под радар“ на сценарио за амнестија и намерно не поднесува барање за екстрадиција на Никола Груевски.

„Дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски? Барам конкретен одговор со ‘да’ или ‘не’.“ рече Талевски.